Изборот на функционери за локалната васт подразбира избор на луѓе кои имаат вистинско влијание врз секојдневието на жителите на одредена општина. Иако тие делуваат според решенијата предложени од владите преточени во Закони, тоа е двонасочна врска – советниците влијаат врз животот на секој поединец, а поединецот , со својот глас – врз животот на тие што се или ќе бидат во власта, и на централно ниво.
496 наши сограѓани решиле да се вклучат во политичкиот живот на локално ниво. Или, вкупно 16 листи на советници има прифатено и одобрено Државната изборна комисија за 8те по ред локални избори во Македонија.
Со гласот на граѓаните општинските советници според законите и статутите и јавните податоци ја имаат привилегијата да учествуваат во донесувањето на одлуки важни за локалното живеење, ја имаат привилегијата да ја контролираат општинската администрација, имаат право да предложат претресување на локални прашања, иницијативи за нови политики, и законски решенија на општинско ниво и, за тоа се обврзуваат со полагање на свечена изјава – дека ќе ја вршат функцијата совесно, според Устав, законите и прописите на државата односно Советот.
Функцијата советник нема законски определени големи финансики бенефиции. Но и тоа е во зависност од аголот од кој се гледа – дали избраниот советник е невработен или како многумина кои досега ја вршеле советничката функција – вработени на државно.
Законот за плати и други надоместоци на избрани функционери го определува начинот на пресметка на паушалите за советниците и претседателот на Советот. И,
Според одлуките на Советот во изминатиот период, а врз основа на законските измени за платите на функционерите, советниците во Општина Битола добиваат паушал од околу 22.000.
Претседателот на Советот добива малку повеќе, по закон 30% повеќе од советниците или паушал од 30.000 денари.
Според оваа пресметка годишно советниците добиваат околу 264 илјади денари, односно за четири години 1.056,000 денари или над 17.150 илјади евра. Ако имате консензус или мнозинство па ве изберат за претседател на Советот – тоа за четиригодишен мандат е околу 23.500 евра. Не е доволно за секојдневно семејно живеење, но, парите по политичкиот мандат се доволно за хибрид патнички автомобил или помал џип. Се што треба да направат за да го земат месечниот паушал е да се појават на барем една седница на Советот.
Доколку патуваат некаде им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство исто како на државаната односно општинската администрација. Секоја друга работа за организирање на работата на Советот во целина или учеството во Комисиите што ги формира Советот – се дополнителни средства, и тие определени со одлука.
По големото зголемување на платите на функционерите од 78% и шокот што многумина го манифестираа особено кога го пресметаа учинокот на советниците, од февруари годинава платите и паушалите за функционерите се намалени. Всушност, намалени се коефициентите по кои се пресметува, основицата е ланската просечна плата, а паушалите и платите на избраните функционери се исти како и со високото зголемување.
Различен е паушалот на советниците во помалите општини и во град Скопје. На претходните локални избори беа избрани 1.347 советници, а доколку се земе просек од 15.000 евра по советник, на секои четири години Македонија на локалните функционери троши 20.205,000 евра.
Во духот на изборната реторика којашто во следниот месец ќе доминира од сите агли кај граѓаните, а поради фактот дека функционерите се плаќаат од парите на даночните обврзници, што е секој втор полнолетен, граѓанин со право на глас во државата, клучно е да размереме кого избираме да управува со овие пари и нашите животи во општините.