ТЕРА

REKLAMA???

Ланската година ЈП Пазари ја заврши со загуба од 3,5 милиони денари

Јавното претпријатие „Пазари“ 2021 година ја заврши со загуба од 3.5 милиони денари. Тоа се должи на намалени приходи за 1 милион денари споредено со 2020 година и зголемени трошоци во работењето, вака денеска рече директорката на ЈП Пазари Соња Карапашовска, објаснувајќи ја Завршната сметка за ланската година.

„ Со доаѓањето на функцијата в.д директор на претпријатието првото нешто со кое што се соочив беше раскинување на договорот за снабдување со електрична енергија. Второ со кое што се соочив беше нефункционалната систематизација во претпријатието, која што мислам дека беше правена без некоја подлабока функционална анализа која што понатаму предизвикува одредени проблеми  во редовното функционирање на јавното претпријатие. Завршната сметка која што ја заврши јавното претпријатие во 2021 е со загуба од 3.5 милиони денари која што се должи на намалени приходи во 2021 година за 1 милион денари споредено со 2020 и во зголемени трошоци во работењето.  Со доаѓањето на функцијата в.д директор веднаш спроведов попис  во претпријатието. Пописот заврши со еден огроемен кусок на опрема кој што понатаму бараше соодветни сметководствени третмани на истиот кусок, односно пресметување и на данок кој што треба да влези во даночен биланс во истото“, рече Соња Карапашовска, директор на ЈП Пазари.

Структурата на приходите коишто се обезбедуваат во ова јавно претпријатие се темелат на два основи. Првиот основ е приход од пазаришна такса, резервација и паушал кој што опфаќаат две третини од вкупните приходи и една третина од наемнини од деловни објекти коишто се во сопственост на претпријатието.

„Ваквата загуба по завршна сметка делумно се темели на пандемијата и строгите протоколи коишто беа во тековната година, но неможат да се припишат овие загуби само на тој дел. Можеби се работи за нова култура на живеење во нашиот град, што претставува мотив за да разработуваме одредени стратегии коишто понатаму би предизвикале и зголемување на приходите во претпријатието“, вели Карапашовска.

Моментално претпријатието работи на пролетно чистење на пазарите.

„ Имавме чистење на Сточниот пазар, во текот на вчерашниот ден имавме голема акција за  чистење во Градскиот пазар, така што со тоа ја почнуваме пролетната офанзива, а имаме и некои анализи коишто ќе значат и една подобра реорганизација во смисла на остварување на поголеми приходи и се надеваме дека оваа година ќе биди со добивка за ЈП Пазари“, рече Карапашовска.

Завршната сметка за финансиското работење на ЈП Пазари  и извештајот за работа за 2021 година утре ќе се најде пред битолските советници.