ТЕРА

REKLAMA???

Завршните сметки на јавните претпријатија пред битолските советници

Завршните сметки и извештаите за работа на јавните претпријатија за минатата година денес пред битолските советници. Уште вчера на Комисијата за финансии и буџет директорите ги образложиле пред дел од советниците, а советниците имале можност да постават и прашања. Поинаку од одговорите коишто ги добиле, заклучиле дека во најлоша состоба е ЈП Комуналец, па поради тоа, како што рече претседателката на Совет Илиевска, завршната сметка на ова јавно претпријатие нема да ја гласаат.

„Според она што го добив како одговор можам да кажам дека генерално, мислам дека во најлоша состојба се наоѓа ЈП Комуналец за кое претходно ние многу време сме кажувале зошто не функционира и како не се работи во тоа јавно претпријатие и затоа ние за тоа јавно претпријатие нема да гласаме за завршната сметка, ниту за нивниот извештај, бидејќи Битола е највалканиот град и во изминатите 4 години апсолутно ништо не видовме да се работи од ЈП Комуналаец“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

Завршните сметки на останатите јавни претпријатија ќе ја добијат поддршката од Поинаку.

„Во контекст на другите јавни претпријатија како информација од директорите не добив дека имаат било какви информации за незаконско работење, за работење спротивно од тоа што налага самото јавно претпријатие, не добив информации дека се во некоја тешка состојба, па затоа сметам дека во овај град редно време е некој да почни да носи одлуки врз основа на добиени информации, односно доколку нешто не функционира во било кое јавно претпријатие ние треба да реагираме, бидејќи јавните претпријатија се сервис на граѓаните и нас треба да не интересира само на кој начин се трошат парите на граѓаните во јавните претпријатија. Според тоа за останатите јавни претпријатија ние ќе ги гласаме Завршните сметки бидејќи не сакаме да бидиме оние кои ја кочат“, рече Илиевска.

Сите јавни претпријатија оставија пари на сметките, завршните сметки се со добри резултати, вели советникот од ЛДП Груевски.

„Завршните сметки се добри, со добри бројки и со добри резултати. Сите завршни сметки ги правеа новите директори кога дојдоа и дел од бројките можат да одат нагоре или надолу. Она што е карактеристично за сите јавни претпријатија е тоа што сите оставија пари на сметките, сите оставија побарувања, а обврските ги сведоа на минимум. Се обнови возниот парк скоро на сите јавни претпријатија, така што се работи за претпријатија коишто успешно менаџираа во овие 4 години. Очигледно заборавена е состојбата каква беше претходниот период, меѓутоа сега имаме сосема нови јавни претпријатија“, рече Валентин Груевски, советник од ЛДП.

Во изминатите 4 години не видовме некое јавно претпријатие да покаже некакви резултати, па поради тоа завршните сметки на јавните претпријатија нема да ги гласаме, рече советникот Бојкоски од ВМРО ДПМНЕ.

„Она што можевме да го слушниме од директорите ситуацијата во јавните претпријатија е очајна, односно поголемиот дел се со милионски загуби. Сведоци сме дека во изминатите 4 години јавните претпријатија служеа за вработуваќе на стрикно партиски кадри на СДСМ и поради тоа ние како советничка група нема да ги поддржиме завршните сметки и годишните извештаи на јавните претпријатија. Во изминатите 4 години не видовме нешто некое јавно претпријатие да покаже некакви резултати. Па така ЈП Комуналец е со загуба од повеќе од 8 милиони денари. Таму има земено и еден кредит којшто го зел претходниот директор, средствата не се искористени за некоја голема инвестиција. Од она што го слушнавме од директорката и службите се купени две возила, останатите средства се користени за плаќање на обврски кон добавувачи и делење на плати. Во ЈП Водовод видовме дека ситуацијата е страшна во делот на загубата, повеќе од 17 милиони денари . Од она што го кажа директорот и од службите онаа управна зграда која што започна да се гради во пандемијата, е со висина од 40 милиони денари и она што го слушнавме на комисијата е дека истата нема да биди енергетски ефикасна, односно само ќе има енергетска фасада, а истата ќе се грее на мазут или нафта. Поради тоа завршните сметки на јавните претпријатија ние нема да ги гласаме“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Пред битолските советниците денеска се најдоа и две иницијативи. Едната за донесување на Одлука за доделување на финансиски средства во висина од 300 илјади денари на Оливера Наковска-Бикова за освоеното прво место во стрелаштво, а другата за дополнување на тарифниот систем во општинскиот линиски превоз на патници во Општина Битола.