Утре почнува светиот месец за муслиманите ширум светот, месецот Рамазан. Рамазан е деветти месец во исламскиот календар и тој е свет месец за муслиманите затоа што во него започна откривањето на Куранот, светата книга на муслиманите. За време на Рамазан, муслиманите ширум светот постат од зора до почеток на вечерта.
Битолскиот муфтија Амит Расими денеска упати честитка до сите верници.
„Браќа и сестри верници. Во праг сме на месецот Рамазан каде што Алах не задолжува со пост, а постот е еден од петте главни столбови на верата. На тој начин што возвишениот господар ни наредува да од првата мугра односно од имсак па се до ифтар зајдисонце да апстинираме од храна, пијалоци и секакви лоши мисли и лоши дела, со цел да ги извршуваме правилно и прописно наредбите на возвишениот Алах. Месецот на Рамазан кој ни доаѓа е месец на милост, бериќет, опрост, спас, на хуманост и солидарност и на тој начин ќе си помагаме меѓу себе во овие денови на месец Рамазан, со цел светот да живее во мир, спокојство и далеку од лоши дела и лоши работи. Во име на муфтиството на ИВЗ и во мое име ви го честитам месецот на Рамазан со желба прифатен и лесен пост“, вели во честитката битолскиот муфтија Амит Расими.












