Втор ден од штрајкот на СОНК. Претседателот на регионалниот одбор на СОНК за Битола, Ресен и Демир Хисар Тони Чавдаровски вели дека се штрајкува во 90% од училиштата и градинките од овај регион. Рече дека денеска добиле поддрша и од дел од вработени кои што вчера не излегле на штрајк.
„Штрајкот на просветните работници се одвива исто како вчера, односно штрајкувачите си се на работните места, но не држат настава. Денеска имаме штрајкувачи кои се приклучија на штрајкот. Во многу синдикалани организации некои штрајкувачи коишто вчера не се охрабрија да излезат на штрајк, веќе се приклучија. Милсам дека од Горната гимназија имаме плус штрајкувачи, штрајкувачи од Економско училиште итн. И во Битола и во Ресен и во Демир Хисар максималана е поддршката. Мислам дека околу 90% секаде во училиштата штрајкот е поддржан“, рече Тони Чавдаровски претседател на регионалниот одбор на СОНК за Битола, Ресен и Демир Хисар.

Чавдаровски вели дека имало и притисоци.
„Имаме ситни притисоци во образованието, а притисок има во градинката „Естреја Овадија Мара“. Колегите кои таму се изјаснија за штрајк штрајкуваат, а сите тие притисоци коишто ги прави директорката, се запишани, се пријавени кај мене како претседател на регионот, па ќе видиме понатаму како ќе се одвива во наредните денови“, рече Чавдаровски.
Штрајкот на просветните работници, организиран од Синдикатот за образованието, науката и културата (СОНК), е за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита.
„Ние јасно кажавме дека не можеме да му кажеме на децата да не доаѓаат на училиште, кажавме дека наставниците го користат своето право на штрајк, самиот штрајк значи не прифаќање на учениците. На директорите е оставено дали тие ќе бараат заменски наставници“, рече Чавдаровски.
Како понатаму?
„Штрајкот продолжува се додека на нашиот претседател не му се јават од министерствата или пак од Владата да преговараат, така сме договорени, односно ако има некој предлог од Владата, тој предлог треба да се достави до претседателите на регионалните одбори, а ние да го поставиме до синдикалните организации, па така да добиеме одговор дали тој предлог ќе го прифатиме или нема да го прифатиме. До сега нема ништо, јас се надевам дека ако има нешто претседателот Неделков ќе излези и ќе соопшти“, рече Чавдаровски.
Од Министерството за труд и социјална политика денеска преку соопштение информираат јавноста дека од вкупно 75 Јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, во 25 предучилишни установи за деца денес воопшто не се штрајкува. Додека пак, во 50 предучилишни установи штрајкуваат само дел од вработените.
Овие податоци укажуваат дека една третина од вкупно вработените во предучилишните установи не го поддржуваат штрајкот организиран од СОНК, што претставува пораст од четири установи за разлика од вчерашниот ден.
Согласно податоците на министерството кои се ажурираат на дневна основа, се бележи тенденција на пораст на згрижени деца во градинките во текот на денешниот ден. Ваквата состојба се должи на фактот што згрижувањето и воспитанието на децата течеше непречено вчерашниот ден, со исклучок на една Јавна установа и намален капацитет на згрижување на деца во мал број на предучилишни установи.

Исто така, се бележи и благ пад на учесници (вработени и поддржувачи) на штрајкот во предучилишните установи. Социјалниот договор продолжува, Владата и Министерството за труд и социјална политика остануваат отворени за изнаоѓање на заедничко најодржливо решение за сите чинители во процесот, а пред се во интерес на заштитата на децата, се вели во информацијата од Министерството за труд и социјална политика.












