Денеска СОНК се очекува да го соопшти ставот по вчерашната одлука на владата.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков уште синоќа рече дека за заклучоците на Владата, а во врска со генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средни училишта, Советот на СОНК во текот на денешниот ден ќе одржи седница на која што детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него.
Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува, вели Неделков.
Владата на вчерашната седница предложи покаќување на платите од 10%.
Владата воедно ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование, и згрижувањето на децата во градинките согласно уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк.
Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да обезбедат исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк.
Владата ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да достави информација до Владата за одговорот на СОНК во врска со овие заклучоци, како и да побара писмено известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта и врз основа на кој законски акт персоналот на предучилишните установи одбиваат да ги примат децата.
Владата ги повикува раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во предшколските установи да продолжат со наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките.












