На последната седница на Совет битолските советници расправаа за Кварталниот извештај на буџетот на општина Битола во вториот квартал од 2022 година. За власта извештајот за вториот квартал од годинава бил со историска реализација, споредбено со минатите години.

„Од резултатите односно од документите кои што се приложени од страна на општинската администрација она што може да се види дека кондицијата која што ја има буџетот во Општина Битола е во одлична состојба. Тоа се гледа по однос на капиталните расходи коишто се прават. Во вториот квартал имаме историско најголеми расходи, односно сите оние проекти коишто граѓаните ги гледаат се во висина од 46.1%, кога ќе се спореди со минатите години кога реализацијата била од 20 до 22% во вториот квартал. Само за 2020 и 2021 година се доаѓа до 47% реализација на буџетот, додека оваа година имаме само во вториот квартал имаме реализација од 46.1%“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Од опозицијата вела дека лесно е да се реализираат оставени проекти со полна буџетска каса.
„Лесно е да се работи на веќе оставени проекти и со полна каса. Ако ВМРО ДПМНЕ проба да прави некоја паралела и анализа што се работело во минатото, а што се работи денес, нема еднаква пол позиција, бидејќи пол позицијата во која што ја превзеде општина Битола ВМРО ДПМНЕ и Поинаку за разлика од претходно во која ние ја презедовме кога бевме општинско раководство е неспоредлива. Бидејќи сега моментално општинската каса има сериозна сума на финансиски средства, тоа е првата работа, а втората работа е голем број на проекти се во завршна фаза и тие можат да се изработуваат“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.

Започната е нова приказна за градот, се слушаат потребите на граѓаните, вели претседатеката на Совет Илиевска.
„Лично како советник морам да кажам дека е започната една нова приказна за градот каде што веќе се слушаат потребите за граѓаните. Како претставник на советничката група Поинаку морам да кажам дека нашите приоритетни проекти се веќе влезени и веќе се во фаза на реализација, дел од нив веќе се видливи како што е Новиот градски парк во Битола, Прифатилиштето и сум известена дека проектот за Копанки е во завршна фаза со цртањето, што значи дека и Копанки за брзо време ќе има видливост како проект. Би сакала исто така да ги нагласам и тековните работи коишто сметам дека се обрска на секоја општина иако во изминатите години многу често не се извршувале, тоа е на пример обврските коишто ги имаат јавните претпријатија и сакам да нагласам дека очигледно е дека само при континуирана работа и при континуиран притисок и на советниците и на граѓаните, можеме да видиме успех во градот“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

За Левица кварталниот извештај имал добар исход.
„Kварталниот извештај мислам дека има добар исход особено последнава година“, рече Горан Велевски, советник од Левица.
Советниците во петокот го изгласаа и ребалансот на буџетот.












