На последната седница на Совет советничката група на ВМРО ДПМНЕ поднесе иницијатива за донесување на Одлука за субвенционирање на електрична енергија на жителите на Општина Битола од страна на Владата. координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Бојан Бојкоски образложи зошто поднесуваат ваква иницијатива.

„Од Владата побаруваме 100 милиони денари по примерот на Скопје-Арачиново. Тие 100 милиони денари да бидат искористени со цел намалување на сметките за струја на граѓаните, по примерот на Скопје каде што владата го субвенционира парното греење. Битола нема парно греење и поголемиот дел од граѓаните се грејат на електрична енергија“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Опозицијата најави дека ќе бидат воздражани за оваа иницијатива.
„Заради многу законски регулативи во кои што неможе да се реализира истото. А неможе да се реализира бидејќи еднакво плаќаат струја и граѓаните на Општина Битола и граѓаните од другите градови. Еднакво се граѓаните на Општина Битола погодени од Рек Битола, еднакво се погодени граѓаните на Кичево од Рек Осломеј“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.

Една од агендите која што години наназад ја имале Поинаку тоа било субвенционирање на електричната енергија, рече претседателката на Совет Илиевска.
„Крајно време е некој нешто да превземе во врска со Општина Битола, бидејќи ние сме тие коишто произведуваме 75% електрична енергија за државата, а исто сме така тие коишто страдаат од загадувањето кое што го има со самото производство на електрична енергија“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.
Првично СДСМ и Коалицијата гласале воздржано, но потоа се гласало поединечно, па иницијативата беше прифатена.
Имаше иницијатива и од СДСМ која гласеше Иницијатива за „Алокација на средства за поставување на фотоволтаици на сите основни и средни училишта и на сите институции и установи во надлежност на општината“.

На вака поставена реагираа од Левица.
„ Иницијативата е добра, иста е како нашата претходно, но јас мислам дека не е убаво да се копираат работи, мора да бидеме транспарентни и лојални ако сакаме да имаме соработка во советот,“ рече Горан Велевски, советник од Левица.
По реакцијата иницијативата беше преименувана во Иницијатива за алокација на средства за изработување на проектна документација за поставување на фотоволтаици и пренамена на средства за реализација на предвидените работи каде што има можност по направената анализа на осоновните и средни училишта и институции во надлежност на Општина Битола.
„Во моментот има направено анализа на дел од објектите кои се во владение на Општина Битола, не можат на сите да бидат поставени фотоволтаични панели бидејќи тие се поставуваат на крововите. Од она што го кажа претставникот од општината во моментот има можност за поставување на 5 објекти кои се под Општина Битола и истите ќе бидат внесени во програмата за локален економски развој и во текот на наредната година после проектирањето и добивањето на сите потребни дозволи тие ќе бидат инсталирани“, рече Бојкоски.
Сите сакаме и се залагаме да се смени начинот на греење на институциите, рече Илиевска и додаде дека иницијативата не била издржана.
„Во изминатите 10 месеци Општина Битола има веќе извршено анализа на 53 објекти, училишта, градинки, згради на јавни претпријатија итн, како би имала некој преглед каде може да се замени и каде се исполнуваат условите за поставување. Демократско право е да се поднесе иницијатива, меѓутоа сметам дека не е издржана, бидејќи во овај момент ние веќе имаме од Општина Битола и ја добивме на Комисија анализата на тие 53 објекти за кои дел од нив веќе се работат проекти и кои ќе бидат аплицирани и веќе можат да бидат тендерирани“, рече Илиевска.
Тие беа кои заговараа во минатото дека општината треба да ги следи новите еко стандарди, реагираа од СДСМ.
„Контрадикторноста на претседателката на Совет и Поинаку се повеќе е јасно, затоа што тие беа тие кои заговараа во минатото дека Општина Битола треба да ги следи новите еко стандарди, да ги променува тековите на греење, да не се греат училиштата на нафта, да не се греат државните институции на нафта итн, а сега кога седнаа на столчето гледаме некоја друга политика со која се вадат и сакаат да се оправдаат пред граѓаните дека не е изводливо заради некои факти. Не, секогаш е време да се реализира она што е потребно“, рече Илиевски.
За Левица двете иницијативи не биле за трајно решение.
„Со добар проект за фотоволтаиците кој ние веќе го работиме иако иницијативата е веќе пратена, може да се обезбеди поевтина електрична енергија, така што доколку сака да им помогне министерството е во ред, но тоа не е трајно решение“, рече Велевски.
Иницијативата на СДСМ беше едногласно прифатена .












