Градинките во земјава нема да останат без греење зимава, а можат да ги плаќаат и сметките за електрична енергија, затоа што нивната тарифа е како за домаќинствата, односно не користат индустриска струја.
„Ќе има греење во градинките како и во сите останати институции. МТСП е одговорно, преку блок дотации за покривање на платите на сите вработени во детските градинки, како и за градење, реновирање, реконструкција на детските градинки на ниво на цела држава. Покрај блок дотациите за платите префрлуваме средства и за материјални торшоци, меѓутоа градинките си имаат и сопствени средства, доплатата на родителите за сместување на децата во градинките. Одговорноста за плаќањето на комуналии, вклучително и на сметките за електрична енергија е обврска на основачот, односно на општината“, рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Таа порача дека ниту родителите кои ги сместуваат своите деца во градинките, особено во Скопје, ниту општините не треба да се плашат дека може да дојде до тоа да нема парно во градинките.
„Не треба да се плашат ниту родителите кои ги сместуваат дечињата во градинки, особено во Скопје ниту, пак, општините, дека може да се доведе во случај да нема парно во градинките. Парно ќе има и за граѓаните и за градинките затоа што Владата е одговорна и се грижи за граѓаните и ја менаџираме енергетската криза и кризата со парно. Да нема страв, ќе имаме греење и во градинките и во домовите“,рече министерката.
Појасни дека до министерството не стигнале реакции од градинките за плаќање на сметките за електрична енергија затоа што градинките плаќаат струја како и домаќинствата, не се на индустриска струја.
„Сметките не им се големи. Голем дел од градинките особено оние кои се изградени од 2017 година наваму се енергетски ефикасни и имаме голема заштеда на електричната енергија“, додаде Тренчевка.












