Лицата со попречености добија спортско рекреативно катче. Во Центарот за социјални работи во Битола денеска официјално беше пуштена во употреба спортската сала, каде лицата со попречености ќе имаат можност да ја зголемат физичката активност.

Донација во опрема во вредност од 111.847 денари, ја обезбеди општина Битола во рамки на проектот „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот „Никој да не биде изоставен“ во партнерство соЗЕЛС.

„Општина Битола, продолжува да иницира и поддржува различни активности кои придонесуваат за подобрување на условите за лицата кои се соочуваат со одредена попреченост.Токму и овој простор, во спортската сала на Центарот за социјална работа, кој од денес се става во функција има за цел да ги подобри можностите за спортско рекреативни активности за лицата со попреченост, кои тука ќе може да поминуваат дел од своето време, во услови кои соодветствуваат на нивните потреби за спорт и рекреација.Во рамките на овој проект, општината претходно спроведе повеќе активности, а со оваа донација која се дава на Здружението Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди Битола во кое членуваат лица со различна попреченост, се овозможува поддршка на лицата со телесна, визуелна попреченост и потешкотии со слух и говор од аспект на обезбедување на услови за поттикнување и зголемување на нивната физичка и спортска активност, преку обезбедување соодветна опрема за тоа. Спортската опрема и реквизити ќе бидат сместени во Спортската сала во рамите на Центар за социјални работи Битола. Реализацијата на овие проекти, кои се заокружуваат во пресрет на Меѓународниот ден на белиот стап – симбол на слепите лица, e во насока на зајакнување на поддршката која ја обезбедува општината за лицата со попреченост, што пак дополнително е изразено и преку програмата за социјална заштита.“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Покрај ова донација, со средства од oпштината и од советот од програмата за млади и спорт за 2021 се направи реновирање на Спортската сала (бојадисување, стружење и лакирање на паркетот), со што се подобрени условите за лицата со попреченост.
„Реконструкцијата ги опфати сите сегемнти од тавамнскиот дел, електриката, подот, ѕидовите и останатите делови кои повеќе од три децении не беа реконструирани“, рече советникот од СДСМ Борче Корлевски.

Од Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди Битола се заблагодарија за донацијата.

Во Пелагонсиско преспанскиот регион, Здружението на лица со телесен инвалидитет Мобилност од Битола брои 1100 членови, од кои дури 1000 лица се од Битола.

Овај проектот е имплементиран од НАЛАС – Mрежа на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа и ЗЕЛС, во соработка со GIZ, а во име на Германското Федерално Министерство за економска соработка и развој (BMZ).












