Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со Отсекот за превенција при СВР Битола, Општинскиот совет за превенција и Мотоцентарот денеска на Широк Сокак спроведоа активности во рамки на зимската кампања „Биди подготвен за безбедно патување во зима“. На возачите им беше поделен едукативен материјал со кој ги потсетија за законската обврска за задолжително носење на зимска опрема во своите возила.

„Овај временски период се карактеризира со влажни и лизгави коловози, голомразица, магла и намалена видливост. Затоа ние денес на возачите во Битола ќе им поделиме едукативно превентивен материјал со што ќе ги потсетиме за носење на задолжителната зимска опрема. Истражувањата покажуваат дека ефектите од лошите временски услови врз видливоста може да го зголемат времето на реакција на возачите до 75%. Утврдено е дека густата магла предизвикува најголеми проблеми при што на возачите им треба 75% повеќе време за да забележат опасност, како и дека обилниот дожд ги забавува реакциите на возачите за 30%, а снегот 34%“, изјави Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП.

Кожуваровска упати апел до сите возачи:
„Почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот и прилагодете ја брзината според условите на патот. Внимавајте на влажните коловози! Бидете одговорни и подгответесе за безбедно возење во зимски услови. Користете зимска опрема“, рече Кожуваровска.

Оние возачи кои не поседуваат зимска опрема во своето возила ќе бидат санкционирани.
„И денес ја спроведуваме оваа превентивна кампања каде што уште еднаш на возачите ќе им упатиме посебен апел да внимаваат, да се опремат со зимска опрема и да ја прилагодат брзината на патот спрема условите“, рече Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
Обврската за поседување на зимска опрема е задолжителна и се однесува на секое возило кое учествува во сообраќајот во периодот од 15-ти ноември до 15-ти март следната година.













