„Улаф сте?“ е насловот на првата професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни лица со оштетен слух и на говорен македонски јазик за љубителите на театарската уметност. Претставата ги обработува проблемите на младите и фактот дека населението се иселува од државата. Авто-цензура која е присутна од стравот да се кажат јасно и гласно општествените проблеми. Приказната се раскажува низ призма на глувонемата заедница, во која актерите во име на глувите лица без цензура ги раскажуваат сите општествени неправди кон оваа ранлива група.

„ Пред година и пол неколку глуви возрасни лица во Охрид после гостувањето на детската претстава ТРИ на знаковен јазик – ме замолија да направам претстава на знаковен јазик за возрасни, бидејќи никогаш не гледале театар на нивниот мајчин јазик. (Знаковен јазик).
Хуманизмот и емпатичноста не се само добри карактеристики на човештвото, тие се претворија во моја лична мисија“, ни изјави режисерот Јован Ристовски.
Претставата освен глуви лица можат да ја гледаат и останатата публика и за прв пат да уживаат во една сосема поинаква театарска сензација. Костимограф е Марта Дојчиновска, сценограф Стефан Малбашиќ, драматург Билјана Крајчевска / Весна Куслеска,толкувач на знаковен јазик Катерина Шаркоска, асс. Елизабета Георгиева.

Играат: Наталија Ристеска, Кристијан Танчевски, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илијевски ,Сандра Грибовска, Никола Пројчевски. Соработник за знаковен јазик Мартин Ангелов.
Премиерата на претставата е на 16 јуни, петок, од 20 часот во Центарот за култура – Битола.
Продукцијата на претставата е на ATO.













