Денеска во Битола почна жирирањето на 31 издание на Интернационалниот фестивал на аматерски непрофесионален докумeнтaрен филм „Камера 300“, што годинава ќе се одржи на 3 и 4 ноември во пресрет на Денот на ослободувањето на Битола.Во конкуренција се 45 филмови од 10 земји од Европа, а трудот на филмските аматери ќе го вреднува интернационално жири.

„Пет членото жири во состав Љупчо Петровски, Недељко Деспотовиќ, Благојче Божиновски, Антон Антонов и Гоце Господиновски ќе ги прегледаат сите 45 пристигнати филмови, од нив ќе се направи селекција за најдобрите филмови и ќе се доделат наградите кои се предвидени според правилникот за оваа година. Тоа се традиционалните награди гран при, златна, сребрена и бронзена „камера 300“ за најдобри филмови, плакета на УНИКА исто така за најдобар македонски филм, како и авторските награди за режија, монтажа, камера, идеја, репортажа, а исто така жири комисијата има право да додели и други награди според квалитетот на филмовите“, изјави Стефан Хаџи Андоновски, организатор на ФАДФ „Камера 300“.

Интернационалниот фестивал на аматерски непрофесионален документарен филм се реализира со финансиска поддршка на Општина Битола и Агенцијата за филм.
„Од досегашниот избор на филмови коишто ни ги презентираа тука можам да кажам дека квалитетот е подеднаков во однос на минатата година. Уште сме во една рана фаза каде што имаме погледната 10 тина филмови. Добро е тоа што се гледа таа аматерска нитка во креирањето на филмовите“, рече Благојче Божиновски, режисер и дел од жирито.
Точно пред триесет и една години во предвечерието на 4.ноември-Денот на ослободувањето на Битола во Диско клубот при Домот на културата се одржа првото издание на Фестивалот на аметерскиот непрофесионален документарен филм ,,КАМЕРА 300″.












