„Наставниците, на почетокот на месецов, ги примија новите септемвриски плати, покачени за 15 проценти. Во периодот од 2017 до 2022 тие добија неколку покачувања по пет проценти, во мај 2022 година по двонеделниот штрајк добија покачување од 15 проценти, а во јануари 2023 година добија покачување од плус 3 проценти, Вкупното покачување на платите на наставниците во периодот од 2017 година заклучно со септември оваа година е речиси 55 проценти“, вели за Градска.мк, професорката Петра Лукароска од средното стручно училиште „Ѓорче Петров“ во Прилеп.
Таа појасни дека ако еден наставник во основно образование во август оваа година имал почетна плата од 29.258 денари, во септември примил плата 33.511 денари.
„Раст има и кај професорите во средните училишта. Професор што за август имал почетна плата од 30.485 денари, во септември добил 34.926 денари. Зависно од стажот на наставниците, односно од степенот на сложеност, останатите плати се повисоки, а оние кај оние наставници и професори со поголем стаж платата надминува 40.000 денари“, потенцираше Лукароска.
„После ова К-15 или регресот за годишен одмор е укинат, а за првпат наставниците и администрацијата по повеќе од две децении 13-та плата ќе добијат оваа година и тоа по 10.000 денари. Од следната регресот за годишен одмор ќе биде 30% од просечната плата“, вели за Градска.мк, професорката Лукароска.
Како што додава Лукароска за Градска.мк, точни се информациите дека последен пат наставниците примиле к-15 во 2001 година и тоа во форма на прехрамбени производи, кашкавал, сувомеснати и слично, кои пак биле со краток рок на траење и во тој период буквално морало да се изедат што е можно побрзо за да не се фрлат.
„Покрај платите во изминатите години премногу се инвестира и во условите за работа не само во нашето училиште туку и во останатите училишта во земјата. Така што по 60 години нашето училиште „Ѓорче Петров“ во периодот од 2021 до април 2022 година, доби целосна реконструкција на подот, фасадата, дренажата итн. за што беа инвестирани 220.000 евра“, заклучи Лукароска.












