Денеска православните христијани го слават Соборот на Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни.
Соборот на свети Архангел Михаил и другите небесни сили спаѓа во неподвижните празници и е едно од најчестите празнувања во нашиот народ, за што говори и денешната големата посетеност на црквата која меѓу битолчани е попозната како Аранѓел во населбата Довлеџик.
Според Светото писмо, соборот на ангели вклучува девет небесни чинови, од кои Архистратиг е Михаил- Војвода. Неговото име кажува дека поседува „невообичаена, неспоредлива духовна моќ“ и на еврејски јазик значи „кој е еднаков на Бога“.
Од ранохристијанско време, Архангел Михаил е прикажан како војвода кој држи копје со платнена лента со црвен крст на врвот во десната рака и зелена палма во левата рака.
Култот на Архангел Михаил потекнува од III век и се развил најпрво во Фригија- денешна Турција. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител.
Се верува дека временските услови на овој ден можат да се искористат за да се одреди каква ќе биде годината. Има и една поговорка: „Какво е времето на Аранѓел, такво ќе биде цела зима и пролет“.












