Во Битола се одржа четвртата работилница за изработка на студии за влезна документација за Генерален урбанистички план (ГУП) на град Битола. Како што соопштија од Општина Битола целта на оваа работилница е да се презентираат првичните верзии на изработените студии од страна на Архитектонски Факултет од Скопје, кои ќе бидат влезна документација во изработката на Генерален урбанистички план (ГУП) на Битола. Преку дирекна дискусија со засегнатите страни од НВО секторот, јавните институции и бизнис секторот целта е да се дефинираат заклучоци кои ќе се вградат во конечните верзии на студиите од страна на експертите.
„Самиот факт што Генералниот урбанистички план на Битола, датира од 1999 година и соодвествувал на тогашните потреби на градот, говори дека неопходно е успешно завршување на овој процес, во кој ќе бидат согледани сите важни аспекти за градот кои ќе одговараат на современите потреби, но ќе бидат во согласност со законската регулатива и ќе се засноваат на добро обработени податоци. Денес, имаме презентација на 10 влезни студии, изработени од Архитектонскиот факултет од Скопје, но истите до изработката на конечните верзии, оставаат доволно простор, сите засегнати субјекти да дадат свои мислења и заклучоци, со цел добивање на квалитетна влезна документација за Генералниот урбанистички план на Битола. Верувам дека, во следните два дена, низ еден конструктивен процес, ќе се донесат важни заклучоци кои ќе придонесат за одржлив развој на општината, имајќи ги предвид потребите на сите граѓани” изјави Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.
Работилницата се организира во рамките на проектот „БАИР-Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“, финансиран од Европска Унија и имплементиран од италијанската невладина организација-COSV, Општина Битола и ПРЕДА плус Фондација. Настанот се реализираше во организација на Проинг ДООЕЛ Битола и Архитектонски факултет Скопје.