Истражувањето на компанијата „Money Transfers“ за висината на цената за станови во европските земји од октомври минатата година ја стави Битола во најевтините градови каде што треба да се вложува во недвижнина. Но, ако сте македонски граѓанин, живеете и работите тука, цените на недвижностите упатуваат на мало богаство. Дали Битола е сеуште најевтина и зошто цените на недвижностите растат? Зборувавме со м-р Боро Стојановски, сопственик на „Гео Балкан“, агенција за катастарски услуги и недвижности.
Во градот под Пелистер просечната цена за стан од 100 метри квадратни е нешто над 90 илјади евра, потоа следуваат Кишињев во Молдавија, каде што стан од 100 метри квадратни може да се купи за цена од 127 илјади евра и три градови од Романија, вели истражувањето на „Мани трансфер“ и сторијата на Дојче Веле на македонски јазик. Дали состојбата на крајот на февруари е иста?
„Состојбата варира. Во послдниве две години бевме сведоци на пореметувања на пазарот на недвижности кои што беа после короната, прво заради вработувањата и работната сила, па подоцна заради економската криза, цените, енергетиката, сето тоа се одрази на недвижностите и како дополнително, (конкретно зборувам за Македонија и регионот, посебно овие нашите приморски комшиски пазари), сите тие кои имаа некој денар почнаа да ги инвестираат во недвижности, плашејќи се за загубата на вредноста на капиталот што го имаат под перница и на книшките и почнаа на море или слично, да инвестираат“ вели Стојановски.
Тој се согласува со објавената анализа на пазарот дека во Битола цените за метар квадратен стан, куќа или гаража се поевтини од европските и од цените во поголемите и поатрактивни градови во државата. Но, и тие растат.
„Во Битола, цените кои до вчера, некни беа до 1.200 евра по квадрат, некаде почнаа обиди да одат кон 1.300 евра да се движат. Сето тоа ја поткрева и цената на старите станови кои што, ако беа по 500 до 600 евра сега гледам по 800 евра, станови кои што треба да се реновираат, дури и ако локацијата е позитивна. Растат цените и во неповрат “-вели Стојановски
Војната во Украина де факто прави голем економски удар врз Европа, а цените на градежните материјали се зголемуваат. Побарувачката ја диктира цената во моментов, а Скопје и Охрид атрактивни.
„Ако последната статистика од пописот на население вели дека 240 илјади станови се празни , што значи сите кои имаа некаква основа и финансиска можност купувале станови во Скопје и сето тоа ја зголемува побарувачката. Сега со атрактивни градби и од странски компании повторно се се продава во Скопје. Во текот на вчерашниот ден јас слушнав информација дека на пазарот стигна цена од 3.200 евра за стан што е новоградба кој што е во центарот на градот од странски инвеститор, во Скопје. За Охрид веќе 2.000 не е ништо страшно или чудно. 2000 евра за квадратен метар, посебно ако има некаков поглед во близина на езеро, чудо е. “ – вели Стојановски.
Дали ќе има намалување на цената за метар квадратен недвижности?
„Кој би намалувал!? Во еден период државата измислуваше да намали во данокот, па од 18% на 5% или од 5% на 3%, изведувачите да не плаќаат прва рака данок … но , не се одрази на пазарната цена. Секое намалување од некоја друга страна си го присвоија инвеститорите. Така што не верувам дека некаде некој ќе очекува и ќе добие некакво поефтинување “ додава тој.
Најновите информации до кои што стигнат тој, зборуваат за можна промена која ќе дојде од банките, дека купувањето на станови веќе нема да биде со фиксна почетна цена, што е особено важно за купување на неизградени објекти.
„Порано беше ако уплатиш 100 % ја добиваш почетната цена, затоа што на инвеститорот му се потребни парите на почеток. Сега, денес слушнав 30 насто уплата, а цената според пазарните услови во моментот на примопредавање. Значи ризик е сега и да се влезе во купување затоа што можностите, домашните или реалните финансии кои што може да ги обезбеди едно семејство може да не се доволни во моментов, да не се доплати. “ – анализира Стојановски.
Актуелната реалност на пазарот за недвижности водат до заклучокот дека се повеќе ќе се намалува бројот на лица кои поседуваат имот во вид на куќа или стан, а се повеќе ќе се зголемува бројот на лица кои ќе изнајмуваат недвижнини, превенствено за свое живеалиште.











