Денеска во посета на неколку институции во Битола беше техничкиот премиер Талат Џафери, придружуван од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Имаа средба со ректорот на битолскиот универзитет проф.д-р Игор Неделковски во зградата на ректоратот, а потоа следуваат посети на неколку факултети.

Костадиновска-Стојчевска и Џафери го посетија Педагошкиот факултет, потоа Студентскиот информативен центар и Факултетот за информатички и комуникациски технологии – ФИКТ – Битола.

Џафери рече дека со ректорот зборувале и за колективниот договор. Кажа дека тоа е во надлежност на Собранието, но дека тие како Влада одблиску ја следат оваа ситуација.

„Задоволство ми е што можам од лице место да се уверам во она што се основни предуслови за работа на академската фела, на професорите, особено на студентите. Одблиску видов какви се условите и разговаравме кои се можностите за понатамошната поддршка од Владата и владините институции на овие значајни институции од сферата на образованието. Зборувавме и за колективните договори, иако за тоа имаме разговарано многупати досега, и разменивме соодветни информации по однос на текот на таа конкретна активност”, изјави претседателот на Владата, Џафери.

Во дел од неговата агенда во Битола беа и посети на спомен куќата на Мустафа Кемал Ататурк во Завод и музеј-Битола и Музејот на албанската азбука.











