ТЕРА

REKLAMA???

СИНДИКАТОТ НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ГО ДЕМАНТИРА ЏАФЕРИ

По денешната прес конференција на техничкиот премиер Талат Џафери околу проблемот со колективните договори на петте универзитети, попладнево со реакција се огласи синдикатот на битолскиот унивезитет со демант на кажаното на прес конференцијата на Џафери.

„Во име на вистината, ви испраќаме демант на неколку наводи од денешната прес конференција на техничкиот премиер Талат Џафери во врска со непотпишувањето на колективните договори на пет јавни универзитети.

Имено, Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола одговорно тврди дека целокупната документација за потпишување на Колективниот договор уредно е доставена до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, основач на Универзитетот на 04.05.2023 година, а истата е примена од наведениот примач на пратката на 05.05.2023 година. Во прилог ви доставуваме скенирано Барање бр. 02-9/1 од 04.05.2023 година и Повратница за врачување со број на испратена пратка 055674143 од 04.05.2024 година, со што се демантира изјавата на г-динот Џафери за ненавремено поднесување на документацијата за потпишување на Колективниот договор, односно тврдењето дека Синдикатите почнале да ги доставуваат материјалите во октомври, 2023 година.

Тврдењето дека Синдикатите на Универзитетите не биле формирани навремено целосно го отфрламе, бидејќи Синдикатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е формиран на 14.12.2022 година, за што ви испраќаме и Тековна состојба од Централен регистар.

Навредата, пак, дека Синдикатите не знаеле да напишат Барање, не сакаме ни да ја коментираме. Впрочем, во прилог ви го доставуваме и Барањето, па ве молиме самите да ја оцените „спорноста“ на истото.

Во однос на хронологијата, односно развојот на настаните околу (не)потпишувањето на колективните договори, ве потсетуваме и на изјавата на претседателот на Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Саша Дукоски, дадена за време на протестот, одржан на 04.03.2024 година, во којашто се вели: „Документацијата од нашиот Синдикат беше навремено доставена, уште во мај. Бевме замолени, од тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да бидеме носители на активностите за формирање на синдикални организации на другите четири јавни универзитети и нашиот колективен договор да биде пример за подготвување на колективни договори на овие универзитети…Тоа остана само како ветување. Во почетокот на декември испративме предупредувачко писмо. Значи, ги опоменавме дека веќе истекува моментот за потпишување на колективен договор. Во текот на месец февруари, оваа година, беше ставен во оперативна употреба Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и беа исплатени платите по новиот Колективен договор. Веднаш потоа сите пет синдикални организации на јавните универзитети испративме барање за итен прием кај претседателот на Собранието. На 15.02.2024 година бевме примени од претседателот на Собранието, на средбата беше укажано дека ги имаме доставено сите документи и, дека, ако постоел проблем со документацијата, требало да се информира секоја синдикална организација. Повторувам, нашиот Универзитет навреме ја достави целокупната документација. Во меѓувреме беше побаран и прием кај техничкиот премиер на РСМ, којшто требаше да се одржи на 02.03.2024 година, но истиот не се реализираше. Поради тоа се одржуваат овие мирни протести, со дигнитет и достоинство…Ние не се занимаваме со политика!“

Уште еднаш сакаме да ја нагласиме граѓанската димензија на синдикалниот активизам на Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и дистанцирањето од какви било политички влијанија, посебно во предизборниот период во којшто се одвива оваа синдикална борба, не по вина и по избор на Синдикатот, туку според последователниот временски развој на процесот на поднесување на предлог Колективниот договор за потпишување до основачот на Универзитетот, Собранието на Република Северна Македонија.

На крај, ја поздравуваме успешната синдикална борба на Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во којашто гледаме „отворена врата“ за исполнување на синдикалните барања и на другите синдикални организации од останатите пет јавни универзитети, стои во демантот на претседателот на Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола Проф. д-р Саша Дукоски.