Државите кои што се дел од Европската Унија, веќе подолго време работат на процесите на напуштање на јагленот и можностите за исклучување на термоелектраните, кои што како енергенс користат јаглен или лигнит.
Земјите од Западен Балкан, кои традиционално се потпираат на јагленот за производство на електрична и топлинска енергија, мора да го следат развојот на енергетскиот сектор во Европската унија, како земји потписнички на Спогодбата за Енергетска заедница, како и преку нивните преговори за членство во ЕУ.
Но, иако постојат различни состојби во сите држави, сепак многу е важна и клучна соработката, преку која се согледуваат позитивните и негативните примери при процесот на Праведна транзиција.
Локалните заедници се чини дека најмногу ќе претрпат последици од процесот на напуштање на јагленот. Најголем страв за локалното население е губењето на работните места, а товарот сепак ќе падне на локалните самоуправи, кои треба да ги згрижат своите жители.
Затоа, голем дел од градоначалниците на градовите кои се дел од регионите зависни од јаглен од цела Европа воспоставуваат соработки, со цел да учат едни од други, но истовремено и да бараат од централната власт во нивните земји, како и од ЕУ, да добијат што повеќе средства за реализација на процесот на праведна транзиција.











