Македонија е во втората половина од листата на среќни земји, според извештајот објавен неделава, а благосостојбата на возрасните лица и пензионерите го паѓа генералниот рејтинг. На 98 место е среќниот живот на популацијата во третото доба – на возраст над 65 години, кадешто има пензионери и специфични заболувања, ментални и физички состојби.
Инспекциски служби и внатрешни проверки се спроведуваат во центрите за социјални работи на државата по објавата од техничкиот министер за труд и социјална политика дека „2.252 незаконски исплаќања биле направени на сметките на корисници на средства за гарантирана минимална помош“.
Самиот систем за социјална заштита има аномалии, констатираше Ѓоко Велковски а време на посетата на Битола.
„Во постапка сме за тоа што го обзнанивме во понеделникот, инспекторите веќе прават увид во Центарот за социјални работи, ние разговараме во самите центри, разговараме, таму кадешто си има одговорност ќе си има одговорност, сите пред законот сме исправени, но не е само до одговорноста туку системот да продолжи да функционира во вистински правец и да нема ваква појава во системот на социјална заштита“ – рече министерот Велковски.
Со години се провлекува овој систем за социјална сигурност, тоа ја прави државата социјално несигурна земја, или според листата на среќни земји на Обединетите нации, со коефициент на среќа од 5 и пол индексни поени, наспроти коефициентот на скандинавските земји кој е преку 7,7 инедксни поени. Според податоците на државниот завод за статисика во јануари лани имало 117 илјади семејсва кои користат социјална поддршка, од нив околу 40 илјади директна парична помош.
„Ние по Устав сме социјална држава, меѓутоа кога ќе ја видите статистиката ќе видите дека ние не даваме социјална поддршка туку даваме средства за преживување. На работ на сиромаштијата имаме толку многу луѓе, буквално на работ на сиромаштијата. Вие можете да одвоите средства и дадете пари, меѓутоа ако не ги интегрирате во општеството, вработување, понуда на мерки, буквално да разговарате со нив и за оној превентивен момент којшто треба да се случи, ако го нема сето тоа, а го нема во моментот во Македонија, се случува тоа, да имате над 150 илјади граѓани кои живеат со 100 денари во џеб. Тоа е тоа што се случува и затоа во скалата ќе бидеме многу долу, затоа што никој на ова не работи многу време и немаме стратегија како држава за да го направиме ова сето да биде реалност “ – коментираше Велковски по објавената скала на среќа на нациите.
Во проценката за социјално сигурна држава се вбројува и социјалната интеракција на возрасните, нивната економска состојба – пензиите што ги земаат, но и условите за живот или институционално згрижување. Велковски одржа средба и со иницијативниот одбор на пензионери кои од август лани протестираа со барање пред државата за покачување на пензиите, определување минимална пензија според порастот на трошоците за живот во месецот и, промена на методологијата на пресметка на пензиите.
„Ги разгледавме и мислам дека ќе има решенија бидејќи кога говориме за пензионерите мора да го истакнам податокот дека дури 220 илјади пензионери се со под 20 илјади пензија. Тоа е 2/3 од вкупниот број на пензионери во државата којашто за жал алармантна е состојбата и треба да се излезе во пресрет на нивните барања.“
На средбата со пензионерите од целата држава Велковски дискутирал и за недостатокот услови за згрижување на возрасната популација. Државата има само 5 јавни / државни старски домови и околу 40 приватни со мал капацитет на сместување, сите се соочуваат со потребата од создавање листи на чекање за прием.
„Застанат е тој процес за жал, по 2016 година, ако ги погледнете регистрите на старските домови приватни и државни коишто ги имаме во самото министерство, ќе видите дека ваквите капацитети во одреден момент и престануваат да работат, без разлика дали зборуваме за државни или приватни, да не зборувам дека државни воопшто не биле отворени. Ќе работиме и на вакви решенија и како еден вид најава нека биде дека ќе понудиме решенија и за оваа категорија, и за ова барање на пензионерите, решенија кои се надевам дека ќе бидат прифатени“ рече тој.
Македонија досега има неколку стратегии за грижа за стари лица кои опфаќаат различни програми што треба да се имплементираат и на централно и локално ниво. Но, според научно потврдената мерна листа на организациајта на обединети нации за среќни држави, социо-економските и психо-социјалните услови во земјава се доволни за 98 место на листата 143 среќни нации.












