Пожарите повторно ја ставаат Македонија во фокусот на вниманието. Пожари во урбани средини, опожарени диви депонии или изгорени шуми – сите носат огромни штети и долгорочни последици.
Сумираните податоци за штетите во 2025 година ќе следат по крајот на годината, но извесно е дека Македонија е високоранлива на овој тип еколошки катастрофи.
Најтешки години биле 2024 и 2022 година. Според Европскиот информациски систем за шумски пожари (EФИС) во 2024 биле опожарени над 95.000 хектари (3,6% од територијата).
Според ЈП „Национални шуми“, тогаш биле опожарени 61.000 хектари. Податоците се разликуваат поради различните методологии на проценка, но извесно е дека штетите се огромни. Во 2024 година изгореле најголеми површини со шуми, но во 2022 година биле изгорени најквалитетните шумски комплекси.
Вкупната штета може да се процени само преку детална теренска анализа која вклучува сателитско снимање. Штетите се пресметуваат врз основа на изгубениот прираст на дрвната маса за наредните 15 и повеќе години, така што се проценува дека само од шумските пожари штетите надминуваат неколку милијарди денари годишно.
Климатските промени, односно растот на температурите и намалените врнежи, имаат влијание, но клучен е човечкиот фактор. Ниската еколошка свест и палењето на отпад или шумски површини за експлоатација на сува шума носат ненадоместливи последици. Излезени од контрола огнените јазици голтаат земјоделски посеви, подрачја со шумски плодови, па дури и куќи и стока, а го загрозуваат и човекот. Пожарите го загадуваат воздухот, почвата и водата. Еко системот е целосно на удар.
Деновиве неколку лица низ Македонија се веќе приведени поради предизвикување пожар. Две лица се осомничени дека предизвикале пожар на стрниште во Градскиот парк во Дебар. Приведена е и кавадарчанка која запалила стари предмети, а пожарот се проширил во родна нива. Жител на струшко Лабуништа пак запалил сува трева, а пожарот се проширил на стрниште.
Повторувањето на вакквите случаи покажува дека се потребни се суштински реформи – од системски пристап до казнување на пироманите, вложување во модерна опрема па се до јавна едукација на населението.
Фото: Архива