Алармантна демографија и негативен природен прираст во 2024 година во Пелагонискиот Регион покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник 2025“ објавен од Државниот завод за статистика.
По региони, само Скопскиот Регион одржува позитивен прираст, додека во Пелагонискиот, Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот негативниот прираст на 1 000 жители бил над 4.
Според статистичкиот извештај, во Скопје најголем природен прираст на 1 000 жители имало во Сарај -8,4 и во Чаир -5,5, а најмал природен прираст имало во Кисела Вода-4,2 и во Карпош -3,9.
Во Македонија за една година се родиле 16 061 дете, што е за речиси 700 помалку од претходната година, додека починале 20 201 лице.
Според „Статистичкиот годишник 2025“, просечниот животен век во 2024 година се зголемил на 76,6 години, а две години претходно бил 75,32 години. Подолговечни се жените каде просекот е 78,8 години, кај мажите тој е 74,4.
На ниво на државата, најголем природен прираст имало во Арачиново и во Студеничани .
Најмал природен прираст на ниво на држава имало во Ново Село, Новаци, Старо Нагоричане, Кратово.
Податоците од извештајот покажуваат дека бројот на живородени деца во последните десетина години е во постојан пад, во 2016 година имало 23 002 новороденчиња. Најголем негативен природен прираст има во 2021 година, кога се родиле 18 648, а починале 28 516 лица, што е намалување на населението од 9 868 лица.
Во извештајот се наведени и најчестите причини за смртта кај граѓаните. Станува збор за болести на циркулаторниот систем, неоплазми и ендокрини, респираторни и нервни болести.
Минатата година бројот на склучени бракови е намален за 1 600 на 11 066, додека бројот на разведени бракови е зголемен за 259 на 2 024.
Според статистичките податоци на 1 000 жители најмалку склучени бракови има во Пелагонискиот и Вардарскиот Регион-под 5,5, додека пак најмногу склучени бракови има во Полошкиот Регион-над 7,5.
Минатата година во просек на 1 000 склучени бракови имало 183 разведени. Најмногу разведени бракови минатата година на 1 000 склучени имало во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот Регион -над 200, а најмалку во Североисточниот Регион- помалку од 140.
Според податоците, во 2024 година во општините Вевчани и Центар Жупа немало ниту еден развод, додека најмалку на 1 000 жители имало во Сопиште, Липково, Арачиново, Сарај и Пехчево.

















