Во 2017 година битолчани и сите христијански верници добија сведоштво за моќта на иконите којашто, како што велат свештените лица, произлегува од благодата на Господ Бог.

Приказната за кражбата и враќањето на битолската икона „Достојно ест“ претставува неверојатен спој на криминално подземје и длабока духовна/религиозна разврска, која тогашната јавност и црквата ја прогласија за вистинско современо чудо.
Иконата била украдена во текот на 1970-тите години директно од иконостасот во црквата „Пресвета Богородица“ во Битола. Зад кражбата стоела организирана мрежа која во тој период пустошела по македонските храмови.

Сведоштвата на црквата потврдуваат дека иконата со децении патувала низ разни шверцерски патишта и илегални криминалистички канали на Балканот. Последната дестинација на ова црковно и културно богатство завршило во рацете на богат приватен колекционер на икони во Белград, кој ја откупил на црниот пазар, најверојатно без да знае за нејзината точна историја.
Но, наместо да ужива во уметничкото дело, за колекционерот започнал вистински духовен немир. Откако иконата била во неговиот дом тој го изгубил сонот, со месеци неможел да спие, постојано имал мачни кошмари во кои Богородица му се јавувала и со благо но одлучен тон барала од него да ја врати иконата таму од каде била украдена- во Битола.
Кај него се случил духовен пресврт, имал и грижа на совест, па решил да најде некој поврзан со Битола и да ја врати иконата. Но, стравувајќи од кривичен прогон за поседување на украдени реликвии-затвор и слично, се решил на тајна спогодба што му ја предложил на Митрополитот г-н Петар, администратор на Преспанско-Пелагониската Епархија. Тој да ја врати иконата, г-н Петар да не го пријавува в полиција.

Митрополитот г-н Петар тогаш раскажуваше: „Јас тогаш го исполнив ветувањето и реков: подобро е иконата да се врати во Битола, во нашата епархија, во митрополијата, под услов да ја добиеме назад. Сето она што до тој момент се случило со овој човек не говори за ништо друго, освен за чудо направено од Мајката Божја, со цел иконата да биде вратена таму од каде што била земена. Ветив под заклетва дека нема да го пријавам во полицијата, само да ја врати иконата. И иконата беше вратена.“

Иконата „Достојно ест“ која во 2017 година беше вратена во Битола е направена во 1748 година на Света Гора (Атон). Википедија за оваа икона вели „Иако точниот именски автор (зографот) останува анонимен, црковните и историските записи јасно го потврдуваат нејзиното потекло: Насликана е во светогорските манастири како автентичен и детален препис на оригиналната чудотворна икона од Кареја. Иконата го носи записот на годината 1748, што ја прави една од најстарите зачувани и вредни преписи на оваа светиња во регионот.
Светогорските мајстори од тој период многу често не ги потпишувале своите дела од смирение, сметајќи дека нивната рака е само инструмент на Божјата волја. Иконата била донесена во Битола како дар и заштита за градот уште пред да биде изграден денешниот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ (изграден во 1830 година).“
Во продолжение е прилогот објавен на ТЕРА Телевизија во 2017 година.











