Денес во Владата беше потпишан договор со германската компанија „Кромберг и Шуберт“ за нова инвестиција во битолската индустриска зона Жабени со која во наредните четири години ќе треба да се отворат нови 2000 работни места. Станува збор за погон во кој што ќе се изработуваат автомобилски компоненти за Ауди.
Ова е важна инвестиција за Битола, за Пелагонискиот Регион и за целокупната економија, но и потврда дека како држава располагаме со квалификувана работна сила, индустриски капацитети, кои може да одговорат на највисоките европски стандарди, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Според Ѓорѓи Тренковски, комерцијален директор на „Кромберг и Шуберт Македонија“, Владата дава континуирана поддршка на компанијата, а со новиот проект се планира имплементација и нови технологии. За да се обезбедат новите 2.000 работници, директорот рече дека ќе се контактираат инженери, ќе се побараат работници од Агенција за вработување, но ако не се успее во тоа, ќе се побара работна сила однадвор.
„Кромберг и Шуберт“ досега има реализирано три инвестициски роекти во Македонија, а заедно со овој проект вкупниот број на вработени во фабриките во Битола и Скопје, ќе достигне 10.000 работни места.











