Во социологијата, разликата меѓу пропишаните норми (она што институциите го бараат) и практикуваните норми (она што луѓето реално го прават) се нарекува нормативна дисонанца.
Таблата со напис „СТРОГО ЗАБРАНЕТО…” како симбол на власта го претставува формалниот систем на контрола и институционалната волја.

Купот смет околу неа, како реална состојба на терен, покажува целосно игнорирање на тој авторитет.
Па, ова заедно претставува нормативна дисонанца, велат социолозите.
Или, ако некогаш сте се замислиле како изгледа сортирање отпад , да знаете, ова тоа не е.
Просторот околу светонеделските гробишта наменет и резервиран за органски отпад, лисја, гранки и друго за компостирање, прерасна во мултифункционална депонија.Просторот секогаш е како наместена изложба на отворено.

Овојпат има колекција “дневна соба”-двосед и фотељи од кадифе идеални за одмор на минувачите ако не им смета барата на застоена вода околу.
Малку потаму, колекција купатило по македонски терк: када, барабан од машина за перење, двете симбол на хигиената од 20 век.

Има и други елементи за дополнување како во современ интерактивен музеј. Има стар душек, дрвени столици или нивниностатоци, гајби . Овие последните не се од органско потекло, ама дневната и спалната, со памук и дево, дефинитвно може да се вбројат во органски отпад.
Иако со траги на оштетување од времето и троа подзаскриена од високата вегетација, гордо на почетокот (или на крајот) од “изложбениот” простор стои табла која вели СТРОГО ЗАБРАНЕТО ФРЛАЊЕ НА ОТПАД.
Таблата стои и ја презентира институционалната забрана, којашто очигледно никој не ја почитува.
Оттука,” кога забраната постои само како формална декларација без механизми за нејзино спроведување (казни, надзор, редовно чистење), институционалната порака ја губи својата регулаторна моќ и станува пасивна, апсурдна формалност.” велат социолозите.











