ТЕРА

REKLAMA???

Коњановски ја зеде Марковска под заштита?

Откако Тера Телевизија ја отвори аферата за обидот за судир на интереси во Општина Битола, каде претседавачката на Советот за женско претприемништво, Моника Марковска, преку своето приватно здружение „ВР ЛАБ“ аплицираше на општински тендер, на адреса на нашиот медиум пристигна првиот официјален одговор кој интегрално го пренесовме. Коњановски писмено се произнесе, но наместо преземање одговорност, неговиот одговор донесе класичен институционален дефокус и отворена заштита на компромитираниот кадар.

На директното прашање дали е етички да седи во прв ред со претседавач на општинско тело кој се обидел да добие тендер наменет за истото тоа тело, градоначалникот одговара со емотивен наратив за „храбрите жени и превенцијата од рак на дојка“. Коњановски вешто го пренасочува вниманието кон благородноста на настанот „Розов пулс“, премолчувајќи го фактот дека никој не ја оспорува хуманитарната кауза, туку се оспорува присуството на Марковска на почесното место веднаш до него. Дали розовата боја послужи како параван за перење на јавниот образ на функционерката?

Во однос на прашањето за разрешување или иницирање постапка против Марковска, Коњановски се прогласи за ненадлежен. Тој се повикува на деловникот според кој Советот сам си го избира претседавачот. Повеќе од тоа, градоначалникот тврди дека нема право да иницира постапки врз основа на „субјективни проценки, претпоставки или квалификации за етичноста“ изнесени од субјекти кои немаат надлежност.

За првиот човек на Битола, фактот што претседавач на општинско тело поднел документација сам на себе да си додели тендер во Општината очигледно е само „субјективна претпоставка“, а не ноторен факт заведен во општинските архиви.

Коњановски во своја одбрана го цитира и извештајот на Антикорупциска, каде Општина Битола забележала скок на институционалниот интегритет, но заборава дека интегритетот не е само сува статистика и проценти на хартија, туку се докажува на дело, токму во моментите кога треба да се каже „стоп“ на функционерите кои ги мешаат јавните функции со приватниот бизнис интерес.

Додека Општината се крие зад бирократски процедури, а ФИКТ и МНД сè уште тактизираат, листата на оние кои одбраа да молчат за овој скандал станува сè подолга. Тера Телевизија сè уште ги чека одговорите и од Националната мрежа за женско претприемништво, до кои исто така беа упатени официјални прашања.

Но, најмногу загрижува фактот што на прашањата испратени пред цели две недели, до денес сè уште нема одговорено ниту самата Моника Марковска. Иако како медиум ѝ дадовме повеќе од доволно време и простор да ја претстави својата страна на приказната и да го објасни својот мотив за аплицирање на општинскиот тендер, таа одбра деновиве јавноста да ја гледа во првите редови на Офицерскиот дом, наместо да понуди одговори.

Пораката од Битола е јасна. Ако си дел од институционалниот систем, наместо да црвенееш од срам, системот ќе ти овозможи со молк да „порозовиш“ во првиот ред.