Пред Локалните избори во 2025, Владата преку унгарскиот кредит на општините им даде вкупно 112 милиони евра, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации за следењето на доделувањето пари од Владата за инфраструктурни проекти во општините во 2024 и 2025 година.
Битола е една од општините што добија најмногу пари од Владата, 5,6 милиони евра.
„Од октомври 2024 до октомври 2025 година, Владата испланира 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините. Од тие пари им одобри 112 милиони евра преку шест министерства. Со првата одлука од октомври 2024 се распределени 71,1 милиони евра за 288 општински проекти, избрани на претходно објавен јавен оглас. Со втората одлука од јули 2025, распределени се дополнителни 41,4 милиони евра за 828 проекти. Веднаш по завршувањето на изборите, Владата направи значително кратење на парите во Буџетот за овие проекти кои, од почетните 250 милиони евра, се намалени на 149 милиони евра“ стои во Извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Според извештајот само за 11 проекти, што е нецел 1 процент, може да се процени дека директно се однесуваат на подобрување на условите за живот и работа на жените, младите и маргинализираните групи.
„Врз основа на клучните наоди, може да се заклучи дека одобрените средства од Владата за општините од таканаречениот унгарски кредит беа значајна „инјекција“ за општините во предизборните месеци. Најголем дел од градоначалниците интензивно ги промовираа проектите во годината на локалните избори и во предизборието“, објави во извештајот Центарот за граѓански комуникации
Владата преку унгарскиот кредит на општините им даде пари за реконструкција на улици, изградба на водоводна мрежа, канализација, катни гаражи и паркови.

















