Од гордост на градот до буџетски паразит, приказната за ФК Пелистер денес не се игра на фудбалскиот терен, туку во политичките кругови. Спортските извештаи за победи, ги заменаа финансиските билтени кои откриваат клуб што опстојува, но, не живее. Луѓето од ВИП ложата го чуваат системот во кој нема јасни правила и контрола, а верните навивачи на клубот плаќаат дупло и преку буџетот и на билетарница. Но, резултати нема.
Проблемите во клубот имаат корени во желбата на политиката да контролира се, па дури и како се тркала фудбалската топка. И парите околу неа. Фудбалскиот клуб што денес се претставува како Пелистер е регистриран како акционерско друштво во 2012 година. Оттогаш до денес функционира под контрола на Општина Битола. Во регистрите може да се забележи постоење на повеќе правни субјекти со името „Пелистер”, со разни додавки, што укажува на промени, трансформации и реорганизации кои секогаш биле согласно потребите на политичките елити. Во достапните податоци, клубот дури и не се нарекува клуб, туку компанија, па се наведува дека нема јасно прикажан сопственик, што го прави специфичен хибрид помеѓу јавна институција и приватна фирма. Во ваков модел, клубот не се развива како спортски субјект, туку како структура што се прилагодува на секоја нова власт. Секоја промена на политичката гарнитура носи нова управа, нови приоритети, нови финансиски интервенции. Наместо долгорочна стратегија, доминира краткорочна логика на одржување доволно за опстанок, но, недоволно за стабилен развој.

Единствена константа во секоја политичка и управувачка гарнитура на ФК Пелистер се парите! Финансиските показатели покажуваат дека само во последните три години во клубот влегле над 100 милиони денари! Тоа се пари на граѓаните. Но, и покрај растот на приходите, финансиските резултати се влошуваат. Добивката од 5,1 милион денари во 2022 година, во 2024 се претворила во 1,65 милиони денари загуба! Со растот на загубите, растат и долговите. Трендот покажува дека долговите не се системски решени, туку се пренесуваат и ротираат.
Клубот наводно има 10 вработени, кои примаат плата од околу 45.000 денари. Фактот што расходите надминуваат 45 милиони денари, го отвора прашањето за структурата на трошоците, бидејќи најголемиот дел од средствата не се поврзани со редовни плати, туку со други категории за кои јавноста нема информации.
Комбинацијата од растечки приходи, загуба, ниска ликвидност и долгови што се повторуваат, укажува дека не станува збор за поединечен проблем, туку за системски модел. Колку повеќе средства влегуваат во клубот, толку понејасно е каде завршуваат.
ФК Пелистер денес е повеќе од фудбалски клуб, тој е дел од поширок систем во кој се преплетуваат спортот, јавните пари и политиката. Клучното прашање не е дали Пелистер ќе постои, туку дали ќе стане одржлив и транспарентен систем или ќе остане модел во кој опстанокот скапо се плаќа, со пари на граѓаните, без јасни правила и одговорност. Кога нема резултати, оставките на тренерите се логични, сѐ додека одговорност не понесат вистински виновници.
















