Во теорија, општината ја водат избраните. Во пракса, понекогаш тие само ја претставуваат. Во Битола, подолго време се шпекулира дека градоначалникот не секогаш е информиран за определени работи и случувања. И тоа нема никаква врска со неговите години или здравствена состојба. Доволно блиску до се, а доволно далеку од очите на јавноста, конците во градот, наводно, ги влечи секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски. Без негова дозвола, ни пилињата на гранките не пеат. Така се зборува низ чаршијата.
Позицијата секретар во Општина Битола е позиција што има значајно влијание врз функционирањето на администрацијата, координацијата на секторите и процедурите поврзани со одлуките и финансиските текови. Тоа е функција што не се гледа, ама ги движи процедурите и има увид во договори и процеси.
Неговата моќна фигура може да се разгледува од повеќе аспекти. Финансискиот секогаш е многу интересен. А, во последните неколку години, текот на парите од Општина Битола покажува интересна концентрација на средства во неколку организации поврзани со исто семејство.
Во исто време додека Димитровски е секретар во Општина Битола, неговиот брат е клучен човек во „Трчај бе“ и претседател на Атлетскиот клуб Олимп, а нивниот татко раководи со КУД „Илинден“. Интересно е што „Трчај бе“ и АК Олимп се регистрирани на иста адреса – адресата на семејното адвокатско друштво Димитровски.
Од буџетот на Битола, „Трчај бе“ од ноември 2021 до јануари годинава, има добиено околу 1.5 милиони денари. КУД „Илинден“ за истиот период инкасирал околу 3.5 милиони денари, а АК Олимп е најновата занимација на фамилијата. Таму исплатите од општината досега беа послаби и спорадични. Но, годинава убаво започна за клубот и уште во првите три месеци се “нафатира” со над 400.000 денари. Сите овие субјекти се поврзани со членови од едно, исто семејство.
Случајно или не, сите растат по ноември 2021 година, откако Борче станува секретар во општината, „Трчај бе“ секоја година добива повеќе и за три години ги зголемува вкупните приходи за три пати – од 2,2 милиони денари во 2022, на 6,1 милион денари во 2024 година. КУД „Илинден“ од општината добива највисоки износи во споредба со сите други културно-уметнички друштва во Битола, но интересно е што друштвото има голема мрежа на финансиери, па го помогаат различни институции и установи. Дури и Зоолошката градина која е во распаѓање ги помогнала со 400.000 денари. Дали истата приказна ќе се повтори и со Атлетскиот клуб Олимп, останува да видиме. Зголемувањето на вкупните приходи од 281.000 денари во 2022, на 770.000 во 2024 година, ветуваат многу. Зголемување на вкупните приходи има и кај Адвокатското друштво Димитровски од 2,8 милиони денари во 2022, на 3,4 милиони денари во 2024 година. Според релевантните алатки на Министерството за финансии, општината и јавните претпријатија не трансферираат пари во ова друштво. Барем не очигледно за да може лесно да се открие.
Овој чуден тек на настаните, можеби е легален. Но, прашање е дали е нормално исто семејство да биде во администрацијата што управува со парите, во организациите што ги добиваат парите и во структурите што ги користат тие пари. Иста адреса, исти луѓе, исти извори на пари, делува како систем на блискост до буџетот, а не како „случајно поклопување“. Клучното прашање е колку други спортски клубови, културни друштва или организации од сличен калибар, имаат ваков пристап до општински пари?
Битола е град познат по своето авангардно живеење – културни и спортски настани се наше секојдневие. И никогаш не било проблем некој да организира настан. Или да води културно друштво. Проблемот настанува кога сè тоа се спојува во едно семејство — и се финансира од истиот буџет, од парите на граѓаните. Бидејќи, на крајот, Битола сепак не е приватна фирма, а буџетот не е семеен ресурс. Граѓаните мора да знаат кога се работи за јавен интерес или за круг на луѓе што постојано се на истото место кога се делат парите.
















