Сајбер насилството кај младите се повеќе се зголемува. Според експертите и момчињата и девојчињата, подеднакво се изложени на една голема опасност во дигиталниот простор. Тие секојдневно се изложени на онлајн вознемирување, злоупотреба на фотографии, лични навреди.
„И момчињата и девојчињата заедно се изложени на една голема опасност, бидејќи постојат луѓе кои на интернет создаваат лажни профили и со голем број на лажни информации се обидуваат да постигнат различни цели коишто ги имаат во однос на младите луѓе, да ги наведат да прават нешто, да заработуваат подобро, дури и да ги заведуваат заради најразлични злоупотреби. Девојчињата поминуваат низ најразлични етапи. Во младоста сеуште се развива и социјалната интелигенција и социјалното однесување, емоционално се развиваат и честопати лесно можат да станат жртви на било какви предатори што ги има на интернет“, вели за ТЕРА телевизија Мирјана Јовановска-Стојановска, психотерапевт и притоа додаде:

„Младите луѓе не многу добро ја разликуваат фантазијата од реалноста и многу често овој виртуелен свет го доживуваат како единствена реалност“, додава Јовановска-Стојановска.
Според експертите развојот на вештачката интелигенција доколку се користи правилно може да биде од голема корист, но, од друга страна вештачката интелигенција носи и нови ризици, манипулативни содржини, лажни профили и злоупотреба на лични податоци.
„Би било многу добро младите луѓе рано да научат како вештачката интелигенција да ја користат за својот личен раст и развој, да ја користат како да ја употребат во развивање на сопствените когнитивни способности, за размислување, за анализа на материјалите и тоа мислам дека е многу важно“, додава Мирјана Јовановска-Стојановска, психотерапевт.
Истражувањата покажуваат дека младите во Македонија, коишто се жртви на сајбер насилство поради страв не го пријавуваат.

















