ТЕРА

REKLAMA???

Битолчани ќе плаќаат повисоки сметки за гробно место и негово одржување

Мнозинството советници предводено од ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери на минатонеделната седница на Советот на Општина Битола дадоа зелено светло за поскапување на услугите на јавните комунални претпријатија.

Битолчани отсега повисоки сметки освен за ѓубретарина, јавно зеленило ќе плаќаат и за гробно место и негово одржување.

Со поскапувањата што на седницата ги изгласа владејачкото мнозинство купувањето гробно место чини 24.500 денари, а надоместокот за одржување на меѓугробен простор наместо досегашните 333 денари, граѓаните ќе плаќаат 450 денари.

Советниците од опозицијата се спротиставија на ваквите покачувања на цените на услугите на ЈП „Комуналец“ коишто дополнително финансиски ќе ги оптоварат граѓаните.

„Дополнително го зголемувате купувањето на гробно место и одржување на меѓугробен простор. Да можите од мртвите да земете пари, уште ќе земете. Вразумете се, 30 отсто. Дојдете со некој план како ќе го санирате јавното претпријатие. Дојдете со план како ќе ги уредите градските гробишта и како ќе го зголемите зеленилото во Битола и дека нема да има вработувања додека не го оправиме комуналното претпријатие“ рече советникот на ЛДП Димитар Кузмановски.

И советниците на Левица се спротиставија на покачувањето на цената за плаќање на надоместокот за  купување гробно место и негово  одржување.

„Меѓугробен простор што се зголемува за да се исплатат плати, тоа не е социјална политика туку морално дно. Кога локалната власт ги покачува цените не за инвестиции, не за да крпи долгови за плати, тоа е признавање на пораз“ рече од говорницата советникот на Левица Горан Велевски.

За советниците од владејачкото мнозинство не постои мерка за којашто се прави корекција на цената а истата да е популарна мерка. Велат дека цената на комуналните услуги не била корегирана од 1994 година и дека станува збор за умерени зголемувања што ќе придонесат за  поефикасна работа на претпријатијатието.

„Не постои мерка во којашто се прави корекција на цената а притоа таа да е популарна мерка. Секогаш се тие непопуларни мерки. Меѓутоа она што некогаш го правиме, тоа го правиме со идеја да го видиме подоброто утре. Цената од 1994 година не е корегирана. Во 2012 година е потврдена, и еве во овој изминат период на триесетина година ние ја плаќаме истата сума“- истакна советникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јаневски.

Инаку, на последната седница на Општинскиот Совет советниците од владејачкото мнозинство гласаа и за поскапување на паркинг услугите, детските градинки и Старскиот дом „Сју Рајдер“ во Битола.