Во пресрет на КОЛЕДЕ…
Коледе во Битола. Оган, песна и детска радост…
Во Битола, празникот Коледе отсекогаш бил повеќе од обичен обичај. Тој бил и е жив спомен, пренесуван од поколение на поколение, празник што ја грее душата исто како што огнот ја грее ноќта. Во најдолгите зимски ноќи, кога снегот тивко ја покрива калдрмата, а студот се вовлекува во секоја пукнатина, Битола знае да засвети од огновите на Коледе.
Во пресрет на празникот, низ маалата се слуша детски џагор. Коледарчињата, завиткани во дебели палта, со шалови до очи и со капи натрупани со снег, тргнуваат од куќа во куќа. Во рацете носат торбиња, а во срцата, радост и возбуда. Низ снегот чекореа храбро, оставајќи зад себе мали стапалки, додека нивните гласови одекнуваат во студената ноќ.
Од дворовите ги пречекуваат насмевки и отворени порти. Секоја куќа е дел од празникот. Домаќините им даруваат костени, ореви, јаболка и круши, симболи на плодност и благослов. До торбите ѕвечка и по некоја паричка во ѓумче, знак на добрина и желба за среќа во новата година. Но најважниот дар се нарамениците со дрва, внимателно собрани за големиот огно-коледе.

Кога ќе се стемни целосно, на крајот од маалото или на некоја чистинка, се пали огно-коледето. Пламенот се издига високо, пукајќи весело, како да зборува со ѕвездите. Околу огнот се собираат и деца и возрасни, греејќи ги рацете и срцата. Во тој оган не горат само дрвата, туку и стравовите, тагите и студените мисли. Останува само надежта.
Коледе во Битола е време кога градот диши како едно. Време кога сиромашниот и богатиот стојат рамо до рамо, кога детската смеа се меша со пукањето на огнот, а снегот станува мек под чекорите на традицијата. Тоа е празник на заедништвото, на светлината и на верата дека по секоја темна ноќ доаѓа нов ден.

И денес, иако времињата се сменети, Коледе живее, а се повторува и во сеќавањата, во раскажувањата и во срцата на битолчани. Како тивок оган што не згаснува, туку само чека повторно да се разгори догодина, со песна, со детски чекори низ снегот и со торбички полни добрина.
Вера М Самарјанин


















