Жителите на битолските села Трново и Магарево со години се соочуваат со сериозни проблеми со напојувањето со електрична енергија. Прекините се чести, понекогаш краткотрајни и во повеќе интервали во текот на денот, а понекогаш долготрајни, оставајќи ги домаќинствата без струја со часови.
Граѓаните сведочат дека ситуацијата е особено тешка во зимските месеци, кога прекините значат студени домови, неможност за греење, како и дополнителни трошоци за алтернативни извори на енергија. Дополнителен проблем претставуваат ненадејните падови и враќања на напонот, кои предизвикуваат сериозни дефекти на електричните уреди во домовите.Иако жителите повеќепати поднесувале претставки и жалби до ЕВН, надлежните, според нивните кажувања, не презеле конкретни чекори за трајно решавање на проблемот. Граѓаните бараат компанијата итно да реагира, да ја утврди причината за честите прекини и да инвестира во стабилно и сигурно електронапојување, какво што им следува.
Согласно законските обврски, снабдувачот со електрична енергија е должен да обезбеди континуитет и квалитет на услугата. Жителите на Трново и Магарево апелираат институциите да реагираат и да ја санкционираат негрижата, со цел заштита на нивните права, но и за безбедност и нормален живот во овие планински села.
Фото: илустрација




















