ТЕРА

REKLAMA???

БЕКТЕШИ: ВО ВТОРНИК ЌЕ СЕ ЗАМРЗНЕ ЦЕНАТА НА ЛЕБОТ, НЕМА ДА ИМА ПОСКАП ОД 33 ДЕНАРИ

Во вторник ќе се замрзне цената на лебот и нема да биде над 33 денари и за белиот и полубелиот леб, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

„Не може да има разлика во делот на цената на лебот од 28 до 38 денари на истиот леб. Дополнително ќе се утврди и количината и Државниот пазарен инспекторат ќе провери не само за цената, туку и за количината, бидејќи е утврдено дека одредени производители, трговци ги намалуваат цените, но ги намалуваат паралелно и количините на тој производ. Затоа, под 450 грама бел и полубел леб не може да се продаде и тоа ќе биде со утврдена цена за највисока можна цена. Под тоа може да биде, над тоа не може да биде“, информира Бектеши.

Според него ова е само прв чекор од производите наведени во одлуката на Владата. Ќе следат и нови одлуки за замрзнување на цените. Се прават анализи за тестенините.

Мерката, според Бектеши, ќе важи се додека е во интерес за граѓаните. Цените, како што појасни, нема да се зголемат по завршување на мерката, освен ако се зголемат цените на суровините.

Министерството за економија ги заврши сите анализи за мерките за субвенционирање на електрична енергија за индустријата, за прехранбениот сектор во нашата држава и веќе е пратена предлог-одлука за укинување на истата мерка имајќи предвид дека не е почитувано од страна на тие компании кои добиле субвенционирана струја тоа што беше претходно договорено со Владата.