Денеска, 20 ноември, се одбележува светскиот ден на детето, ден посветен на правагта, заштитата и безбедноста на најмладите. Но , колкуј навистина се безбедни децагта во средианта во која растат и учат? Врсничкото насилство останува сериозен проблем и во македонските училишта. Истражувањата покажуваат загрижувачки бројки, а последиците од навредите, заканите, физичкото и дигитлото насилство често се многу подлабоки од тоа што може да се види. Па оттука и актуелната размисла: кој е одговорен да ги заштити децата, дали институциите прават доволно ?
На денот кога светот потсетува дека секое дете има право на безбедно детство, образование и заштита од насилство, врсничкото насилство останува еден од најсериозните предизвици во училиштата. Навредите, понижувањето, физичките напади, исклучувањето од друштвото и сè почестото насилство на интернет оставаат последици врз психолошкиот развој и чувството на сигурност кај децата.
Колку е сериозен проблемот покажуваат и податоците. Според најновите резултати од истражувањето ПИСА 2025 на ОЕЦД, 17 проценти од петнаесетгодишните ученици во Северна Македонија пријавиле дека се жртви на најмалку една форма на врсничко насилство неколкупати месечно или почесто. Шест проценти пријавиле дека некој без нивна согласност објавувал вознемирувачки содржини за нив на интернет, исто така неколкупати месечно или почесто.
Загрижувачки се и локалните податоци. Истражувањето спроведено во основните и средните училишта во Битола, во кое биле опфатени 609 ученици, покажало дека 27 проценти од испитаниците биле директни жртви на врсничко насилство во текот на образовниот процес. Дури 96 проценти знаеле да препознаат што е булинг, но само 20 проценти изјавиле дека во нивното училиште нема таква појава. Најзастапено е психичкото, потоа физичкото и насилството во сајбер-просторот.
Проблемот не е само во тоа што насилството се случува, туку и во молкот што често го придружува. Децата се плашат да пријават, сведоците молчат, а возрасните понекогаш навредите и заканите ги сведуваат на обични детски несогласувања.
Министерството за образование и наука има воспоставено електронска адреса за пријавување насилство: prijavinasilstvo@mon.gov.mk. Пријавите може да се поднесат и преку веб-страницата на Педагошката служба на МОН, во делот „Пријави насилство“, каде што се наведени контактите за пријавување.
Но, ниту еден протокол, правилник или електронска адреса нема да биде доволен ако не постои навремена реакција. Родителите треба да ги слушаат и препознаваат промените во однесувањето на децата. Наставниците и стручните служби мора да реагираат на секој сигнал, а училиштата да обезбедат заштита и поддршка, наместо проблемот да го прикриваат или минимизираат. Институциите се должни да постапуваат, да ги следат случаите и да обезбедат одговорност и превенција.
Безбедното детство не е само право запишано во конвенција. Тоа е обврска на сите нас. А училиштето треба да биде место каде што децата учат, растат и создаваат пријателства, а не место од кое ќе се плашат.











