Битола денеска одбележува 80 години од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна.
На 4 ноември 1944, Седмата македонска ударна бригада победнички влегла во Битола.
Од пред неколку дена започнаа настаните со кои се одбележува овој ден.
Денешните активностите започнуваат од 10:00 часот со оддавање почит на загинатите борци пред споменикот на Плоштадот Гоце Делчев, а во духот на хуманоста програмата продолжува со Крводарителска акција наменета за вработените во Општина Битола.
Повеќе делегации од збратимените градови, по повод празникот ќе гостуваат во Битола, а Свечената академија за доделување на Наградите „4 Ноември“ ќе понуди настан за паметење во Центарот за култура од 19:00 часот.
Годинава наградата за животно дело му припадна на актерот во пензија Борис Чоревски. Ќе бидат доделени и едногодишните четвртоноември награди.
На празникот на градот, подрачното одделение на Државниот архив во Офицерскиот дом во 20:30 ќе ја отвори изложбата „Битола – слободна“.












