Во црковните храмови во Битола, Скопје, Охрид и во повеќе градови во државата се одвиваат подготовките за прославата на еден од најголемите христијански празници Богојавление-Водици.
Според востановената традиција празнувањето почнува на 19 јануари со утринска богослужба, а потоа и со положување на светиот крст во осветените води, со што се одбележува крштевањето како една од светите тајни на христијанството.
Централната манифестација во Преспанско-пелагониската епархија ќе се одржи во црковниот двор на храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола.
Од година во година се помасовно е учеството на верници, а покрај учесниците, манифестациите за Водици ги следат и голем број гости низ целата држава.
Богојавление-Водици, денот кога Свети Јован Крстител, го крстил Исус Христос во реката Јордан, значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата.












