Битола со најголем негативен природен прираст

0
4728

Во дури 32 општини во Македонија во последното тримесечје од 2017 година имало повеќе умрени лица отколку живородени деца, а најновите податоци на Државниот завод за статистика откриваат дека во речиси сите поголеми македонски градови со ретки исклучоци има негативен прираст на населението.

Според најновите податоци Битола е лидер во Македонија по негативниот природен прираст. Во овој период во Битола се родени 218 бебиња, а починале 299 лица, од кои едно е  новороденче, со што природниот прираст е -81.Во последното тримесечје лани, во Битола биле склучени 82 бракови, а имало 18 разводи.Во истиот период во 2016 година, во Битола имало 208 новороденчиња, а бројот на починати лица изнесувал 281 меѓу кои, исто така, имало едно новороденче. Негативниот природен прираст во последното треимесечје во 2016 година изнесувал -73.Во последното тримесечје во 2016 година биле склучени 116 бракови, а разведени 17.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2017 година,на ниво на цела држава  во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 2.3% и изнесува 5 352 живородени деца.

Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2017 година бележи намалување од 12.6% во споредба со истототримесечје од 2016 година и изнесува 4 848 лицa, а од нив 36 се умрени доенчиња.

Природниот прираст изнесува 504 лица, што значи дека за толку лица е поголем бројот на живородените деца од  бројот на умрените лица.

Во ова тримесечје од 2017 година бројот на склучените бракови е 3 119, што претставува зголемување за 6.9% во  споредба со истиот период од 2016 година.

Бројот на разведените бракови во ова тримесечје е 590, што претставува намалување од 9.8% во споредба со истиот  период од 2016 година.