Претставата „Жени во Собрание“, по мотиви на Аристофан, а во режија на Ќендрим Ријани, беше премиерно изведена на сцената на Театар „Комедија“ во Скопје. Претставата е работена според препев на проф. д-р Валериј Софрониевски и според текстови на Билјана Крајчевска и актерската екипа.
„Колку и да се чини банално денес да се разговара за позицијата на жената во власта, од друга страна постои неопходност постојано да се зборува за тоа, како и за позицијата на жената во сите општествено-политички сфери, што се наметнува како тема која е прашање на родот, односно на полот и на неговата сила“, вели драматургот Крајчевска.

„Зошто тргнавме од Аристофан, 400 и кусур години пр.н.е.? Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нив, се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата. Знаеме дека античките жени немале формална политичка моќ и права, а доколку имало такви – завршувале трагично (Клитемнестра, Медеја, итн.). Еден од малкуте примери каде што имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женска моќ е комедијата на Аристофан „Жени во Народно собрание“, додава таа.

Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нивниот став,провоциран од Аристофановиот изворник, и во соработка со драматургот, се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата.
Улогите ги толкуваат: Зорица Нушева, Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова Николова, Благица Трпковска и Ангела Стојановска. Сценограф на претставата е Сергеј Светозарев, костимограф – Ивана Каранфиловска Угуровска, а кореограф – Олга Панго. За музичката изведба се погрижи Јетмир Мехмеди, а автор на плакатот е Медина Хоџа.












