Православните верници во Битола ги прават последните подготовки за дочекот на Стара Нова година и празникот Василица, што традиционално се одбележува со мазник во кој има паричка. Според верувањата, на оној на којшто ќе му се падне паричката, ќе биде среќен во текот на целата година.
Битолските пекарници и годинава имаат полни раце работа и не можат да престигнат да ги испорачаат сите нарачки, бидејќи и овојпат се помалку домаќинки сами дома засукуваа мазник.
„Како што поминуваат годините така и расте побарувачката на мазници со паричка за Василица. Нарачки има многу и затоа мораме да правиме список кога се подигнуваат мазниците. За да нема забуни кај муштериите и да ја намалиме гужвата, им издаваме парагон со наведен час и со колку кори да биде мазникот. Имаме поединечни мали мазничина, стандардни кои ги правиме најмногу, а секако правиме и посебни мазници во разни големини: со четири, шест или осум кори. Мазниче со една кора чини 90 денари, со 4 кори 360 ден.,со 8 кори 720 денари и најголемиот со 16 кори мазник со паричка за Василица чини 1.440 денари“ велат од битолските пекарници.
На Василица во Битола мазник се врти во секое домаќинство, на работните места, а овој адет се прави меѓу друштвата, колегите.
Многу семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики слават именден.

















