ТЕРА

REKLAMA???

БИТОЛЧАНИ ДА СЕ ПОДГОТВАТ ЗА ВОЗАЧКА – ИЗБРАН Е ИСПИТЕН ЦЕНТАР

Битола веќе има испитен центар кадешто може заинтересираните за полагање на возачки испит да се стекнат со возачка дозвола од категорија „Б“.  Ова подразбира дека се надминува застојот кој во градот и битолскиот возачки испитен реон се случуваше од крајот на минатата година.

Министерството за внатрешни работи, „согласно член 240 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, изврши избор на правно лице  коешто ќе ги спроведува испитите за возачка довола. Според информацијата што ТЕРА ја доби од Министерството за внатрешни се работи за  „Друштво за услуги Авто-мото испитен центар супер возач’’ ДООЕЛ Битола – правен субјект формиран во август 2024 година. Избраната компанија е во директна врска со Друштвото за услуги, трговија и производство СТРИТ РАЈД ДООЕЛ од Кичево  што се појавува како основач.
„Наведеното правно лице има добиено Лиценца број 014 од 13.05.2025 година од Министерството за внатрешни работи да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит за кандидати за возачи во седиштето во Битола и подружниците во Прилеп и Ресен и истото има извршено упис на лиценцата во Централниот регистар на Република Македонија, со што практично може да почне со организирање и спроведување на возачките испити на подрачјето на СВР Битола. “  велат понатаму од Министерството.
Проблемот со испитниот центар за спроведување на испитите се појави во декември лани, кога,
„на испитниот центар ДУ Сообраќаен Испитен Центар „АМ“ ДООЕЛ Битола, му истече лиценцата со која беше овластен за организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач.“
Надлежното министерство кон крајот на ноември лани објави јавен конкурс за избор на правно лице за организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, „при што од страна на министерот за внатрешни работи беше формирана комисија со задача да изврши увид над исполнетоста на потребните пропишани услови за работа за добивање на соодветната лиценца.“ Но, веднаш на почетокотна годината, во јануари задолжената комисија, поради неисполнување на условите од тие кои конкурирале, министерството не направи избор. Наместо тоа, на 9 април оваа година објави нов јавен повик, на кој се пријавиле две правни лица
Друштво за услуги „Сообраќаен испитен центар АМ’’ ДООЕЛ Битола и избраниот  Друштво за услуги „Авто-мото испитен центар супер возач’’ ДООЕЛ Битола.
Комисијата го спроведе изборот врз основа на Законот за безбедност на сообраќајот и патиштата но и Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално – техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити.
„Од страна на комисијата беше извршен увид над исполнетоста на потребните пропишани услови за работа за добивање на лиценца на испитен центар по поднесено барање од страна на правните лица и согласно пропишаните услови од страна на Министерството за внатрешни работи е овластено правно лице кое согласно законските и подзаконските прописи ќе го организираа и спроведуваа возачкиот испит за кандидатите за возачи.“- велат од Министерството за внатрешни работи.
Со ова ќе се надминат непријатностите на битолчани кои за да го реализираат својот возачки испит беа изложени на трошок од десетици илјади денари плус трошоците за патување во околните градови кадешто има избрани испитни центри според поделбата на региони. Според информациите, во Битола испитите ќе ги реализира компанијата којашто ги спроведува и во Охридскиот регион.
Ова треба да ги намали и тензиите коишто се појавија кај автошколите во регионот, на број 6 со повеќе од 100 вработени, кои, заради немањето избран испитен центар се соочуваа со намален број посетители и наталожени трошоци.

 

Насловна фотка: unsplash