Православните верници во Битола се подготвуваат да ја прослават Стара нова година и празникот Василица, што традиционално се одбележува со сукан мазник во кој сите ја бараат паричката.
Според верувањата, на оној на кој ќе му се падне паричката на Василица, ќе биде среќен во текот на целата година.
Православната Нова година се слави секоја година на 14 јануари.
Битолчани за овој празник имаат поголеми подготовки отколку за Нова година.
Последните години веќе ретко може да се проба домашен сукан мазник, па битолските пекари не можат да престигнат да ги испорачаат сите нарачки на мазници.
Василица во Битола се слави три дена пред и три дена по 14 Јануари, кога мазник се врти во секое домаќинство, на работните места, а овој адет се прави меѓу друштвата, колегите.
Празнувањето на Стара Нова година и Василица е поврзано со голем број на обичаи, кои се разликуваат од едно до друго место.
Многу семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.












