Од денеска, 14 август започнува Богородичниот пост. Древните мудреци пишуваат дека „постот во август (Богородичниот) е востановен во чест на Мајката на Словото божјо“, се нарекува и „ Успенски пост“, а востановен е на Константинополскиот Собор во 1166 год.
Богородичниот пост започнува еден месец после Петровденскиот пост, пред големите празници на Преображението Господово и Успението на Мајката Божја и трае две недели од 14 до 28 август ( 1 – 15 август, по стар стил).
„Некои, впрочем, велат, дека постот е востановен заради двата празници, то ест, Преображение и Успение. И јас сметам дека е неопходно спомнувањето на тие два празници, едниот – како празник кој ни дава осветување, а другиот – смилостивување и застапништво за нас – пишува Свети Симеон Солунски, архиепископ на градот Солун. „…Секогаш се подвизувала и постела за нас, и немала потреба од пост,така посебно се молела за нас, кога се подготвувала да премине од овој живот во идниот, кога нејзината блажена душа преку Божествениот Дух требала да се соедини со Нејзиниот син.“ – вели Свети Симеон Солунски, кој живеел во 15 век.
Празникот бил востановен на Константинополскиот Собор во 12 век. Теодор Валсамон, каноничар и патријарх на Антиохиската црква забележал дека на Собирот некои се сомневале за количината на деновите на Успенскиот, со него и за Божиќниот пост. И не напишале, туку се договориле, според древните устави да го пазат Богородичниот пост од 1 до 15 август ( по стар стил).
За време на постот, Црквата претпишува умерена употреба на храна и пијалоци, и притоа не мрсна, туку посна храна.
Ползата од постот е многуразлична, вели поуката за Богородишниот пост на интернет страната на Преспанско-Пелагониската Епархија пренесена од св. Јован Златоуст:
„а) постот брзо и јасно му покажува на човекот, дека за неговиот живот е потребно малку, и дека неговото здравје не зависи од преобилна, туку од проста храна и напитоци;
б) постот многу брзо ги открива страстите и пороците кои господарат над човекот, кон кои што тој се прилепил со срцето, и кои неговото тело најмногу ги сака;
в) постот нè прави способни за молитва и размислување за Бога и Божественото. „Кој пости, тој со добар дух се моли“.











