Ако некој сака да види како изгледа еден буџет што ветува развој, а испорачува разочарување доволно е да ги погледне бројките за европскиот проект “Smart 4 you 2” за минатата година. И црвената боја која избледна. И прекопите…и камењата на патеката.
Додека други градови во Македонија, со свои пари, градат десетици километри велосипедски патеки, во Битола, со европски пари локалната власт изгради патека на срамот. И ја исфарба црвена. За да не потсетува колку е избегана работата од ѓонија.
Анализата на документот “Аналитика-Планирано-остварено приходи и расходи Донаторска сметка” кој е дел од Буџетот на Општина Битола за 2025 година, открива фрапантни бројки. На хартија план од 64 милиони денари. Во реалност реализирани едвај 18 милиони. И тоа најмногу за споредни работи, не за инфраструктурни. Тоа не е мала разлика. Тоа е јаз. Меѓу сонот и реалноста. Меѓу желбите на локалната власт и потребите на граѓаните.
Најболниот пример се капиталните инвестиции. Планирани биле над 25 милиони денари, а реализирани помалку од 1 милион, односно 3,6% реализација. Со други зборови тоа е ништо.
Во исто време, парите за тековни трошоци си течат како што треба. Договорни услуги? Скоро целосно реализирани. Тековни расходи? Речиси 100%. Трансфери? Без проблем. Значи, кога општината треба да троши системот функционира. Кога треба да се гради системот крахира. И тука се гледа вистината за “посветената работа” на локалната власт. Ова не е неспособност. Ова е избор. Избор да се плаќа администрацијата, наместо да се гради инфраструктура. Избор да се троши, наместо да се инвестира.
Дополнително, во документот има ставки каде што реализацијата е нула. Тоа биле планирани средства, а не е потрошен ниту денар. Тоа е најчистиот доказ дека планот не бил реален. Или уште полошо дека никогаш немало намера планот да се реализира. Затоа, ова не е само финансиски извештај. Ова е мапа. Мапа на погрешни приоритети за граѓаните на Битола. Мапа на пропуштени шанси за битолчани. Мапа на едно управување што повеќе се грижи како да потроши, отколку што да изгради.
Кога ќе се погледне целата слика нема дилема дека ова не е “SMART “ проект. Ова е внимателно трасирана патека на срамот. Најстрашното од сè е што ова не е крајот на приказната. Ова е само уште една година во која власта ветуваше многу, а не направи ништо.
Но…гледајте убави работи и не читајте за јавашлак… препорачано од доктор!


















