Ветеринарниот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ нуди модерна настава, практична работа со животни, поддршка и стипендии, професија со иднина и многу меѓународни можности. И годинава овој факултет ги отвори вратите за нови студенти кои би станале доктори по ветеринарна медицина.
Основна цел на Ветеринарниот факултет- Битола е едуцирање на ветеринарно-медицински кадри кои ќе можат да одговорат на се поголемите потреби на ветеринарските служби. Во современиот здравствен систем ветеринарските работници со ваков степен на образование претставуваат главни носители на дејноста во која се вклучени и важна алка во тимот за нега и терапија на животните при амбулантското и стационарно лекување. Поради тоа, неопходно е тие да располагаат со висок степен на теоретски и практични знаења од својата област што претставува примарна и основна цел на едукативниот процес кој се реализира во рамките на Ветеринарниот факултет Битола.
Оттука, во рамките на конкурсот за упис на додипломски студии овој факултет во академската 2025/ 2026 година отвори места за вкупно 45 студенти. 30 места се слободни за упис на редовни студенти од државната квота и 15 места се слободни за упис на студенти со платена школарина на интегрираната академска програма по Ветеринарна медицина.
Се работи за 5,5 годишните студии по Ветеринарна медицина – интегрирани студии кои се вреднуваат со 330 ЕКТС бодови или со дипломирањето на овие интегрирани студии студентите се стекнуваат со VII (седми) или А7 степен на квалификација и се стекнуваат со академски или стручен назив Доктор по ветеринарна медицина.
По завршувањето на интегрираните студии од прв и втор циклус по ветеринарна медицина, студентите се стекнуваат со знаења и вештини што ќе можат да ги применат во својата идна професија на најдобар професионален начин. Знаењето со кое студентот се стекнува преку теоретската и практична едукација му помага подоцна во својата професија да дејствува самостојно или во тим.
Студентите се оспособуваат за:
– Обезбедување и подобрување на здравјето на животните – дијагностика и примена на општи и специјални методи и услови на работа во процесот на здравствената заштита, нега и благосостојба.
– Примена и едукација за основните превентивни мерки и методи на сопствениците на животни.
– Надзор и контрола на производство и промет на производи од животинско потекло, како и ветеринарна инспекција во доменот на зачувување на јавното здравје.
– Понатамошна едукација и усовршување преку специјалистички студии и/или трет циклус студии.
Ветеринарниот факултет на УКЛО го применува болоњскиот систем, овозможува и пристап до различни европски проекти и вмрежувања, се реализираат многубројни активности на полето на меѓународната соработка со бројни високообразовни институции.
Ветеринарниот факултет остварува и воспоставува соработка со универзитети и други високо образовни и научни институции, т е активен учесник во ERASMUS + програмата за студентска и академска мобилност која преку вмрежување и потпишување на договори за соработка помеѓу европските факултети и универзитети овозможува мобилност на студентите за студирање, мобилност на студентите за стажирање, мобилност на академски кадри за настава и мобилност на кадри за обука.
Научната соработка на ниво на универзитети, се остварува во ррамките на проекти, финансирани од различни програми. За реализација на практичната настава Ветеринарен факултет располага со лаборатории соодветни на наставните области како и ветеринарна клиника. Воедно за реализација на практичната настава ги користи и капацитетите на сите субјекти кои се од областа на ветеринарната медицина а со кои има склучено договори за соработка, кои вклучуваат образовни, здравствени, бизнис и ветеринарни установи.












