ТЕРА

REKLAMA???

ВИДЕО КУРС ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ

Видео курс за медиумска писменост е продуциран во проектот „Младинска медиумска лабораторија“, кој го реализира граѓанската асоцијација Граѓански Патеки во партнерство со ИКТ Свет, Журналист, Од млади за млади, Младинска Граѓанска Акција и Еко герила Преспа.

Млади од Битола, Прилеп, Новаци, Могила, Крушево и Ресен во изминатите месеци учестуваа на обуки и менторска програма за медиумска писменост спроведена од професионални новинари и ИТ експерти.

„За време на нашите работилници дури немаше слободно столче од толку голем број ученици присутни на обуките. За нив најинтересно беше од новинарите да слушнат на кој начин можат да ги откријат лажните вести и дезинформациите.“-вели новинарката Жанета Здравковска, која е едукатор во проектот.

Младите учесници посочуваат дека ова е вредно искуство за нив.

„Мислам дека ова е многу корисно за младите, бидејќи можат да научат како да се бранат од лажни информации.“- изјави Дамјан Николовски, учесник во проектот.

„Почнав повеќе да ги проверувам информациите и да станувам посвесна каков вид информација добивам. Научивме како да препознаваме дали фотографиите се реални или не и да откриеме кога се креирани.“-вели Марта Кузманоска од Крушево, која во проектот имаше можност да сними и свој поткаст.

Едукативната платформа medialab.mk, развиена во проектот, покрај курсот за медиумска писменост овозможува и тестирање на стекнатото знаење. Во посебен блог се објавуваат поткасти креирани од младите учесници во проектот.

„Младите покажаа голем интерес и тоа буди и надеж дека ќе ги привлече новинарската професија бидејќи познато е дека во нашиот регион кубуриме со млади новинари. Ваквите проекти се можност да видат дека новинарството е одговорна, но и многу интересна професија, па можеби ќе се заинтересираат и во иднина да бидат дел од новинарството.“-вели новинарката Емилија Мисирлиевски, едукатор во проектот.

На 12 работилници за медиумска писменост во основни и средни училишта во Пелагонија учестуваа околу 300 ученици.

„Постојат социјални страници на кои често гледаме секаков тип содржини. И токму тука е најголемото незнаење да се направи разлика меѓу гласини и вистински информации. Затоа изучувањето на медиумската писменост во преспанскиот регион ќе придонесе да се препознаваат точните информации.“-вели Марија Ефтимовска, од Еко Герила Преспа, организација партнер во проектот.

Проектот се реализира во рамки на регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“, со финансиска поддршка на Европската Унија од партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар Сараево, Советот за медиуми на Косово, Црногорски институт за медиуми, Македонски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.