ТЕРА

REKLAMA???

ВИДЕО: ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЗА ОБЈЕКТОТ „ПАРК“

Во владата на Македонија беа потпишани договори за капитални дотации до општините во областа на културата за 2024 година.  Oваа година е обезбеден поголем буџет, 50 милиони денари, со кој единиците на локалната самоуправа ќе реализираат значајни инфраструктурни проекти преку кои ќе се подобрат условите за остварување на културата во различни региони.

„Преку капиталните дотации за културата придонесуваме за рамномерен развој на општините, за развој на сите региони во државава, за инвестирање во културата која ќе ги поттикнува младите на креативност и творење. Преку подобрување на условите за реализација на проекти од културата, помагаме за афирмација на културните вредности на секоја општина, со акцент за создавање интегриран простор за младите и поврзаност низ целата држава“ рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

На објавениот оглас за распределба на капиталните дотации во областа на културата за 2024 година, посебно формирана комисија ги разгледа пристигнатите проекти и врз основа на критериумите, процедурите и роковите, од вкупно 15 пристигнати проекти од 13 општини, средства беа доделени за 11 проекти. Оваа години поддржани се општините: Битола, Крушево, Кривогаштани, Велес, Чашка, Дојран, Демир Капија, Богданци, Маврово и Ростуше, Делчево и Чучер Сандево.

Битола аплицираше за средства за реконструкција на некогашниот објект „Парк“.

„Со поднесената апликација во Министерството за култура за реконструкција на објектот „Парк“ и денешното потпишување на договорот, потврдив дека, како градоначалник на сите граѓани, ги почитувам и желбите на локалните опозициони партии, кои како претставници на дел од граѓаните покажаа голем интерес за реализација на овој проект. За таа цел, благодарен сум што Министерството даде поддршка со околу 147.000 евра од потребните 801.000 евра, кои треба да ги обезбеди општината, односно колку што изнесува потребната сума за обновување на објектот, за кој верувам дека заеднички со граѓаните ќе ја одредиме функционалноста, откако ќе направиме целиот простор околу Офицерскиот дом да добие изглед, каков што и доликува на Битола“ рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Планирањето, обезбедувањето и реализацијата на финансиските средства за капитални дотации во областа на културата за единиците на локалната самоуправа, Министерството за култура ги спроведува во согласност со програмските и стратегиските определби на Владата во насока на поттикнување и спроведување рамномерен регионален културен развој.

„Помагајќи им на општините во постигнување на квалитетен локален културен живот, сакаме и да го предизвикаме потенцијалот кај младите и искуството на возрасните”, рече Костадиновска-Стојчевска, повикувајќи ги уметниците да му се посветат на културниот развој на својот град, на својата општина, а како што нагласи, Владата е тука да потсетува и на стратешката улога на културата – „тој постојан повик на креативна будност и уметничка слобода”.