Сега влегуваме во пикот на сезоната на грипот и ќе трае во наредните две недели, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.
„Тоа е нормално во овој период од годината, да се зголемува бројот на пациенти кои бараат здравствени услуги поради грипот. Немаме некој алармантен број за да правиме дополнителни анализи и немаме индиции за дополнителни мерки“, рече министерот на прес-конференција.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), за периодот од 22 до 28 декември се забележува значително зголемување на бројот и инциденцата на заболувања слични на грип на неделно ниво.
Бројот на пријавени случаи е зголемен во споредба со претходната недела, како и во однос на истиот период од минатата сезона и очекуваната епидемиска крива.
Во сезоната 2025/26 вкупниот број случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 2.100. Во споредба со истиот период од минатата сезона (1.024), бројот на пријавени случаи е двојно зголемен (2,05 пати), а во однос на моделот од последните 15 сезони (1.929) се регистрира зголемување од 8,9%.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со 28 декември, вакцинирани се 77.101 лица од ризичните категории на населението со бесплатни вакцини.
Дополнителни 2.400 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи. Според податоците од Управата за електронско здравство, со комерцијални вакцини се вакцинирани вкупно 1.810 лица.
Заклучно со 28 декември, во земјава се вакцинирани вкупно 78.877 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.












