Денеска вонредна седница на Советот на Општина Битола. Претседателката на Советот, Илиевска кажа дека ја свикала заради како што рече вознемиреност кај дел од јавноста, од како што рече неточно пренесување на информација.

„Бидејќи Советот на Општина Битола на седницата на 28 февруари во ниеден момент не донесе одлука за формирање депонија на територија на Општина Битола, онака како што беше презентирано по социјалните мрежи, дел од медиуми и дел написи кои што го говореа тоа“ рече претседателката Габриела Илиевска.

И Николовски од СДСМ вели дека оваа седница е заради како што вели граѓаните се уплашија.
„Се уплашени и нормално ги разбираме граѓаните дека чувствуваат потреба, бидејќи нешто ново се случува во нашиот град, затоа и претседателката закажа вонредна седница, се со цел како што кажав минатиот пат дека немаме доволно информации, односно и граѓаните и широката експертска јавноста има најави дека ќе присуствуваат експерти на оваа седница да го слушнеме проектот и кои се најавите“ рече советникот и координатор на советничката група на СДСМ, Петар Николовски.

И Бојкоски рече дека седницата е заради невистините кои се ширеле во јавноста.
„Да се запознаат граѓаните со проектот кој што е во тек како што кажа и градоначалникот и да се отвори една јавна дебата, она што се бараше и на седница на Совет каде што изгласавме дека да треба да се дебатира иако претходно имало неколку дебати, меѓутоа јавноста тогаш не присуствувала на тие дебати, секако дека тука се претставници од Министерството за животна средина, експерти кои што работат на таа област, да го објаснат проектот како истиот ќе течи“ рече советникот и координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.

Илиевска потсети на двете одлуки кои што беа донесени на последната седница.
„Одлука за меѓуопштинска соработка и одлука за формирање комисија, односно делегирање на двајца претставници од Општина Битола во таа комисија која што ќе ги изготвува актите за регионално претпријатие за справување со отпад. Во ниту еден момент не сме донеле одлука за формирање депонија на територија на Општина Битола“ рече Илиевска.
Николовски го прашавме околу тоа што проектот за управување со отпад не е од вчера, дотолку повеќе што во 2018 година неговиот колега најави проект.
„Значи овој проект според моите информации е започнат во далечната 2005 година, па 2012, 2015 почнува во фаза на иницирање, па 2015-2017 година се носат и првите одлуки во Општина Новаци, па постојано проектот се надоградува, се менува и слично, затоа мислиме дека треба да ја слушниме конечната верзија на проектот и да оставиме експертската јавност да го каже своето мислење, како што кажав и минатиот пат, дури потоа ние ќе го кажеме нашиот став“ вели Николовски.

Бојкоски рече дека за ова бил земен кредит од страна на државата.
„Проектот е отпочнат, значи земен е кредит од државата во 2022-2023 година веќе е отпочнат проектот, кој што го почнал владата на СДСМ“ вели Бојкоски.
Ја прашавме Илиевска околу проектот, кој е започнат од поодамна. 2018 година имаше изјава од советникот Илиевски, а и претходната министерка за животна средина Шукова во телевизиско интервју зборуваше за проектот.
„Јас не можам да ги коментирам изјавите на некои функционери, дали биле од СДСМ или од ВМРО ДПМНЕ, меѓутоа одлуката која што е донесена во 2018 година се однесува на Пелагонискиот регион, односно на девет општини кои што се во Пелагонискиот регион. Меѓутоа и тогаш во ниту еден момент Општина Битола не е носител, односно не се кажа дека депонијата ќе биде на територија на Општина Битола“ вели Илиевска.
Терминолошки, регионална депонија или регионален систем за управуавње со отпад.
„Центар за управуање со отпад, кој што треба да се гради, односно да се формира во делот на рудникот, односно на територијата на Општина Новаци, дислоцирање на старата депонија, она ѓубриште кое што го има во Мегленци на тој дел“ вели Бојкоски.

Николовски го спомена примерот од соседна Грција.
„Сметам дека има разлика меѓу обична депонија каде само се одлага отпадот и депонија, односно можеме да видиме во нашата соседна држава Грција, каде што беа дел од советниците на таа депонија која што личи условно кажано, некој вид на фабрика која што е затворена каде што се селектира отпадот и се управува со отпадот“ додава Николовски.
На крај Бојкоски категоричен дека на седницата немаше одлука за изградба на депонија во Битола.
„Уште еднаш ќе повторам дека никаква одлука од страна на Советот на Општина Битола не е донесена за изградба на депонија на територијата на Општина Битола“ додаде Бојкоски.

Пред советниците се обрати и градоначалникот на Битола, како и претставничка од Министерството за животна средина која одговараше на прашањата и на советниците и дел од јавноста која беше присутна на оваа седница.












